Децата што имаат здравствени проблеми за време на летови со авион претежно ги имаат вообичаените симптоми, на пример, повраќање, треска или алергиска реакција – состојби кои лесно се третираат, според истражувачите на Универзитетот „Дјук“ во Северна Каролина, САД.

Некои од авионските компании вклучиле кутии за итна помош наменети за деца, кои содржат педијатриски терапии што ќе им помогнат на дечињата, на пример, течни форми на лекови против болка или лекови за алергии.

– Децата се застапени во речиси 16 отсто од итните медицински случаи за време на авионските летови, па овие инциденти не се ретки – вели Александре Рота, шеф на одделот за педијатриска интензивна нега при школата за медицина на Универзитетот „Дјук“.

– И авиокомпаниите и родителите треба да бидат свесни дека овие состојби се чести и да бидат подготвени да се справат со нив. Нашата студија обезбедува информации конкретно за ова – вели Рота.

Ова е прва ваква студија што вклучува повеќе од 11 илјади здравствени инциденти во авион и 77 интернационални авиолинии. Повеќето од инцидентите вклучуваат деца на кои им била укажана помош од членови на екипажот (86,6%), но во приближно 9% од случаите од лекарите што биле на летовите како патници било побарано да се вклучат во давањето помош. Околу 16 отсто од вкупните случаи резултирале со потреба од дополнителна нега за децата, по слетувањето, а само 0,5% од летовите биле пренасочени кон блиските аеродроми за укажување итна помош.

Најчести медицински настани меѓу децата се мачнина и повраќање (33,9%), треска (22,2%), акутна алергиска реакција (95,5%), абдоминална болка (4,7%) и стомачен вирус (4,5%).

Ако родителите не ја носат со себе потребната терапија, малку е веројатно дека авиокомпанијата ќе ги има потребните лекови соодветни за деца. Федералната авијатичарска администрација на САД бара од авиокомпаниите да имаат соодветни кутии за итна помош за децата, во кои ќе има инхалатори за астма, антихистамини и аспирин. Но, ако лековите се во форма на пилули, се случува децата да не можат да ги проголтаат или, пак, дозите да бидат наменети за возрасни лица.

Во 2018 година Конгресот во САД донел закон со кој Федералната авијатичарска администрација се обврзува да проверува дали кутиите за итна помош за децата го содржат медицинскиот минимум потребен за грижа за децата. Рота, кој е пилот и асистирал за време на итни случаи со деца и возрасни во авиолетови, вели дека анализите на истражувачкиот тим треба да бидат насока за обезбедување итна помош соодветна за децата.

– Постојат доволно потребни информации за да се покрене дискусија и да се донесат политики кои ќе ги засегаат децата што го користат воздушниот транспорт и што сè треба да биде вклучено во опремата за итна помош. Засега, ако сте родител кој патува со своето дете, препорачуваме да ги носите лековите што сметате дека ќе му бидат потребни на детето – вели Рота.

Освен Рота, автори на студијата се и Пауло М. Алвес, Нил Нервич и Стивен Шеин.

Извор



912

X