Христина Стефановска, лиценциран психолог

Христина Стефановска, лиценциран психолог

Е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Детски психолог

Повеќе од авторот

Децата се изразуваат не само преку зборови, туку и преку своето однесување, низ игра, цртање, моделирање, музика, пеење, танцување и пишување. Притоа, 8% од пораките детето ги прима преку вербалната комуникација со родителот, додека 92% ѝ припаѓаат на невербалната комуникација

Начинот на комуницирање на родителот со детето може да испраќа инплицитна, т.е. скриена порака на почитување, емпатија и грижа, но може да испраќа и спротивна, негативна порака на отфрлање, неприфаќање и доминација. Негативната комуникација освен што создава отпор кај детето да соработува со родителот во решавање на неговите проблеми и чувства, ги нарушува и самодовербата и сликата за себе кај детето. Притоа детето одбива да споделува што му се случува или, пак, користи лаги.

Позитивната комуникација со детето предизвикува желба и мотив да соработува со родителот, заснована е врз блискост, љубов и заемно почитување, а не врз дистанца, контрола, страв и доминација.

Како ќе комуницирате со него, така тоа ќе комуницира со другите

Начинот на кој родителот комуницира со детето станува модел според кој учи да комуницира со другите луѓе, да решава проблеми. Децата се изразуваат не само преку зборови, туку и преку своето однесување, низ игра, цртање, моделирање, музика, пеење, танцување и пишување. Притоа, 8% од пораките детето ги прима преку вербалната комуникација со родителот, додека 92% ѝ припаѓаат на невербалната комуникација.

Позитивната комуникација со децата вклучува употреба на повеќе „ајде“, отколку „немој“. Со други зборови, кажете му на детето што да направи, а не што да не прави

Невербалната комуникација се однесува на намерно и ненамерно комуницирање преку движења на телото. Тоа е комуникација без зборови и се препознава преку знаци, a тие се: гестикулација, контакт со очи, држење на телото, допир и физички контакт, просторот меѓу детето и родителот. На пример, покажувањето со прст (показалец) кон детето и изразување чувство на лутина кон него поради стореното речиси секогаш предизвикува вкрстени раце, т.е. одбранбен став кај детето поради чувството на деградирањето на неговата личност. Исто е и со тонот и висина на гласот. Викањето само ја уништува пораката што му ја упатувате. Со детето разговарајте тивко, така ќе ги слушне зборовите, а не само вашиот глас.

Научете вештини за да ја подобрите комуникацијата

Вештини што ќе ја подобрат комуникацијата меѓу родителот и детето и ќе ги отворат вратите на довербата во решавањето на проблемите:

1. Активно слушање. Потребно е родителот заинтересирано да поставува прашања и тоа: Што…? Како…? Зошто…? и да има доволно време за да слушне и да дознае што мисли и чувствува детето. Доколку родителот нема доволно време за да ги ислуша одговорите на детето, гледа во телефон или во телевизорот, тогаш е пожелно да не ги поставува прашањата.

2. Повратно слушање. Поинаков начин на кој родителот може да му покаже на детето дека го слуша е да се однесува како „огледало“, така што ќе реагира повратно на тоа што го слушнал. Задача на родителот е да му го повтори на детето тоа што го слушнал од него.

3. Потребно е да биде јасен и многу конкретен, да не користи навредливи зборови, а при разговорот да му покаже на детето дека го почитува и го сака.

4. Користењето условување, уцени и закани значи манипулација со детето, а тоа носи опасност истата вештина да ја развие и самото дете. Со нивна употреба родителот постигнува брза, но краткотрајна контрола врз детето. Тоа не му овозможува да постави граници и контрола на долги патеки, што ја намалува можноста за соработливост со детето.

5. Изразување и учење на чувствата. Доколку родителот сака детето да развие емоционална интелигенција, да научи нешто за чувствата, потребно е да почне да го слуша кога сака да раскаже како се чувствува, без да се обидува да му објаснува или да го коригира. Ако детето ги покажува чувствата без вербално да ги изразува, почнува да плаче и добива напад на бес, без да објасни зошто е луто, родителот може да му помогне да го вербализира чувството. На тој начин детето истото чувство ќе може да го препознае во други услови.

6. Да се користи формулација: видов, забележав итн., а не да му поставува прашање на детето, иако однапред го знае одговорот и тоа во функција на проверка дали ја зборува вистината.

Викањето само ја уништува пораката што му ја упатувате. Со детето разговарајте тивко, така ќе ги слуша зборовите, а не само вашиот глас

7. Родителот не треба да дава ветувања ако не може да ги исполни или претходно не е договорен со партнерот. Само кога е сигурен и подготвен да ја реализира активноста, родителот може да ја соопшти.

8. Позитивната комуникација со децата вклучува употреба на повеќе „ајде“ отколку „немој“. Со други зборови, кажете му на детето што да направи, а не што да не прави.

9. Позитивната комуникација со децата вклучува употреба на повеќе „треба“ отколку „мора“.

10. Се критикува/коментира однесувањето, а не личноста на детето. Критиката може да се степенува, во зависност од возраста на детето и од поводот за критика/коментар.

11. Да не се зборува лошо за детето пред него или во негово отсуство.



912

X