Воспитување

„Нема да стигнете ни да се свртите, а вашите деца ќе престанат да играат“. Кампања на произведувач на играчки

Шпанскиот бренд на играчки „Фамоса“ почна кампања за својата 60-годишнина (во 2017 година) во која ги поттикнува родителите на сериозно размислување. Кампањата е под мотото: „Нема да стигнете ни да се свртите, а вашите деца ќе престанат да играат. Сега додека уште сакаат – играјте си со нив!“

Комерцијалното видео што го снимиле го прикажува контрастот помеѓу воодушевувањето со кое малите деца очекуваат со нив да играме фудбал или да пиеме чај со кукли и природната незаинтересираност што тинејџерите ја искажуваат кон родителите. Дел од кампањата била и студијата што ја спровеле во соработка со 500 шпански татковци и мајки за да дознаат колку го вреднуваат значењето на играта со децата и колку време поминуваат во оваа активност. Разочарува тоа што иако повеќе од 87 отсто од родителите се согласуваат дека е важна играта со деца, само 33 отсто од нив иницираат игра со децата.

Зошто родителите не играат со своите деца?

Пред сè, причина се активностите што мора да се извршуваат надвор од куќата (работа) и оние што се спроведуваат дома (перење, готвење, чистење). Изгледа дека родителите ја разбираат важноста на квалитетно поминато време со децата, но не се подготвени на напорот кој е потребен за да ги одложат телефоните или латопите и да се поврзат со оние за кои тврдат дека се „најважната работа во нивниот живот“.

Но, проблемот во поставувањето приоритети не е ништо ново, тој постои со векови. Обидете се да изведете една мала вежба. Размислете за тоа кои пет приоритети ги имате во животот и по кој редослед сте ги поставиле. Да речеме – семејство, работа, забава, спорт… Сега размислете за тоа колку време вчера сте му посветиле на приоритетот број еден, колку на приоритетот број два… Потоа тие приоритети наредете ги во соодветниот распоред во согласност со времето што сте им го посветиле. Вообичаено е тие две работи да се разликуваат. Ако е тоа случај, знајте дека таа диспропорција помеѓу она што го сметате за најважно и она на кое всушност посветувате повеќе време и внимание, за жал, е премногу честа.

Обврските што ги имаме кон работата од која земаме плата и го издржуваме семејството не може да се занемарат, а ниту облеката нема сама да се испере и испегла. Само немојте да бидете еден од оние родители што веруваат дека се подразбира оти децата ќе им станат добри луѓе. Да ги побараме благодатите на секојдневниот живот со нив, да ја откриеме убавината од заедничките моменти, да престанеме да губиме време на социјалните мрежи и да бидеме присутни и вклучени кога сме со децата, како што сме на работа.

Што можете да направите навистина за да бидете со своето дете?

Бидете искрени кон себе, престанете да користите празни изговори „квалитетно време“ против „квантитет“. Кој ви гарантира дека за 15 ефективни минути на своето дете ќе му биде дадено она што му е потребно за навистина да се поврзе со вас? Како ќе стигне за 15 минути да ви се отвори и да ви каже нешто што го мачи?

Вие сте најдобриот подарок за своите деца

Вие сте нивните родители, одговорни сте за нивната благосостојба, тоа е точно, но не правете грешка: не обидувајте се да бидете совршени. Вашите деца не се, па вие сепак ги сакате безусловно. Тие исто така ве сакаат вас. Понекогаш лесно се лутите, понекогаш викате. Тоа е во ред. Тоа сте вие. Уживајте во она што го имате и вашите деца нека ја почувствуваат вашата љубов. Така ќе си обезбедите себеси, но и на своето семејство безброј незаборавни моменти.

Автор: А. Цвјетиќ

Поврзани написи

To top