Родителите често се грижат дали добро ги воспитуваат своите деца и дали се добри родители. Модерните мајки и татковци имаат повисоки стандарди додека своите деца ги водат кон животот на возрасните. На тој пат многу е лесно да се падне во замка, па да се споредуваат со други родители. Надин ван дер Линден работи како клинички психолог и е авторка на книгата „Приказни од родителските ровови: клинички психолог против мајчинството“. Таа објаснила како родителите можат да знаат дека се добри родители:

1. Детето покажува различни емоции пред вас

Понекогаш на детето му е многу тешко кога ќе се најде во емотивен период. Можеби некогаш ќе ви се чини дека нема потреба детето да ги изразува сите негови емоции пред вас, но способноста да покаже лутина, тага или страв е добар знак дека се чувствува сигурно со вас. Ако детето ги крие емоциите, тоа често значи дека има проблеми во односот со вас. Обидете се да избегнувате детето да се затвора и не попречувајте го во изразувањето на неговите емоции.

2. Детето доаѓа кај вас кога ќе се повреди или има некој проблем

Ова значи дека вие сте засолништето за детето, па потребно е да продолжите да го слушате без разлика дали се работи за мал или голем проблем. Со такво однесување ќе придонесете за отворена комуникација со вашето дете и за работи што се навистина тешки во животот.

3. Детето може да разговара за своите мисли и чувства без страв

Ова е позитивен знак за флексибилен однос и прифаќање. Некои родители несвесно ја ограничуваат комуникацијата со децата поради своето однесување, на пример, претерано реагирање на мисли или чувства кои не им се допаѓаат или го доведуваат во прашање начинот на кој ги воспитуваат децата. Други, пак, се премногу кршливи, па не сакаат дополнително да ги оптоваруваат децата со своите мисли и чувства. Но, родителите се карпата, а децата тоа не би требало никогаш да бидат. Без разлика кои се родителите, тие треба да ги поддржат чувствата на детето. Ако ви е потребна дополнителна поддршка, побарајте ја од возрасно лице, а не од детето.

4. Твојата повратна информација не е критична и не го „етикетира“ детето

Добрите родители не даваат критика за однесувањето и го избегнуваат етикетирањето на детето. Ваша задача е да го советувате и да му посочите каде греши, а не да го омаловажувате. На пример, ако ги изеде сите чоколади без да им даде на другите, не треба да му кажете: „Ти си алчен“ или „Ти си лош“. Наместо тоа, ќе пристапите со зборовите: „Ги изеде сите чоколади без да поделиш со другите. Во нашиот дом е важно да делиш со сестрата и братот. Како мислиш дека можеш да му се искупиш сега на твоето семејство?“

5. Ги поттикнувате интересите и талентите на детето

Со развивањето на талентите и интересите на детето се развиваат и неговите вештини, па потоа следуваат и успешни резултати. Може позитивно да ги ангажирате своите деца и да ги поддржувате додека напредуваат во тоа што го сакаат. Не треба да ги присилувате децата да прават нешто што не сакаат, само ако тоа е ваш сон или желба.

6. Создавате граници за детето да биде сигурно

Добрите родители го насочуваат однесувањето на детето преку поставување граници и ограничувања. Децата без граници и правила често запаѓаат во неволја или се изгубени. Границите им помагаат да се чувствуваат сакани и ценети, дури и ако некогаш не ги сакаат ограничувањата. Некои од овие граници што се добри за нив се, на пример, рутините на спиење и пристојно изразување пред членовите на семејството.

7. Исправување на своите грешки

Да се сака да се подобри односот со своите деца е знак за добар родител. Ако викате и претерувате со вашата реакција, многу е важно да го подобрите тој однос. Во тоа може да ви помогне разговорот со детето, објаснувајќи дека и вам ви е потребна помош околу сите тие чувства. Успешното родителство значи давање сигурна основа за вашето дете, па со тоа се создава место од кое детето ќе може да напредува. Се работи за трајна врска која трае цел живот и не зависи од надворешните резултати, туку од љубовта, почитта и поврзаноста. Тоа всушност значи дека сте одличен родител.



912

X