Воспитување

Неколку работи што ги прават родителите, а поттикнуваат кавга помеѓу браќата и сестрите

Решете ја кавгата така што ќе отстраните некои стари навики

Нели е желба на секој родител неговите деца добро да се согласуваат и секогаш во животот да можат да се потпрат едни на други? Поради тоа, некои сакаат што помала разлика помеѓу двете деца, некои и покрај разликата во годините се обидуваат да ги зближат децата на сите можни начини за таа врска да се развива на што помала возраст.

Повеќето деца сепак во детството поминуваат поголем дел од времето задевајќи се со постарите/помладите браќа и сестри. Веројатно и вие работите на тоа ваквите работи што поретко да се случуваат, но понекогаш изгледа дека на викањето и задевањето едноставно им нема крај. Мајките со своето однесување ненамерно знаат да поттикнат таква ситуација, па на овие работи би требало да се внимава и да се исфрлат од употреба:

„Добронамерни“ натпреварувања

Кој прв ќе ги среди играчките? Кој прв ќе го изеде ручекот? Можеби за победникот ќе следува награда. Нешто ќе кажете без размислување, а потоа кога ќе настане хаос, ви останува само да викате: „Ова не е натпревар!“ Но децата ќе уживаат во меѓусебниот натпревар, ќе дојде до препирање, лутина, а можеби и исмејување. Подобра варијанта е: „Мислите ли дека двајцата можете да ги соберете играчките за помалку од пет минути?“ Немојте децата да се натпреваруваат меѓу себе, туку поттикнете ги да соработуваат со заедничка цел.

Какви било споредби

Иако мислите дека тоа никогаш не би го направиле, веројатно го правите сосема случајно. Погледни како Ема седи на маса, зошто не можеш и ти нормално да седиш? Види како Петар ги мие забите без кавга, можеш да се угледаш на својот брат.

Иако сакате да го постигнете најдоброто, всушност на ваков начин само се раѓаат негативни чувства кон братот или сестрата, како и замерка што тие изгледаат полошо.

Етикетирање

Ивана е спортистка, а Марија молец за книги? Децата едноставно уживаат кога вака ги сместувате во некоја категорија. Не баш. Иако вие мислите дека со тоа ги фалите пред другите и ги истакнувате нивните афинитети, всушност, повторно создавате само отпор, замерки и негативност.

Детето ќе има чувство дека е добро само во она за што го фалите, а дека на другите полиња потфрлило. Исто така, најлошо е да се мисли дека во нешто не си добар како својот брат или сестра.

Казнување на едното дете пред другото

Ако го направите ова, не само што ќе го посрамотите туку и ќе го зголемите неговото бранење. Наместо да рушите ѕидови за да допрете до детето и да ја сфатите причината за неговото однесување, вие само уште повеќе ги подигате.

Но, додека детето се грижи за тоа што другото дете мисли за него во тој момент, сигурно не е подготвено на соработка и размислување.

Објаснување како треба да се чувствува

„Немој да се лутиш, сестра ти не го искина намерно твојот цртеж“. „Бебето е уште мало, затоа е почесто со мене, не мораш да бидеш љубоморен за тоа“. Немој да се лутиш, немој да плачеш поради тоа… всушност многу родители често им зборуваат на децата како треба да се чувствуваат иако тоа не е добро. Ние не знаеме или не сакаме да знаеме како некоја ситуација изгледа во нивните очи и зошто толку ги погодила. Малите деца не можат да ги контролираат своите чувства, но би требало да можат да го контролираат своето однесување. Но наместо да се обидувате да ги намалите нивните чувства, со што ќе ги налутите или ќе ги оддалечите од вас, обидете се да сочувствувате со нив, да ги утешите и да им го насочите вниманието на нешто друго.

Форсирање да делат

„Јас прв ја зедов таа играчка“. „Но, јас прва сакав“. И тогаш доаѓа мама која убаво објаснува дека играчките треба да се делат. Бидејќи, ако децата не научат да делат, никој нема да игра со таа играчка.

Но децата на овој начин само ќе станат огорчени, особено детето кое навистина прво ја зело играчката и сакало да си игра.  Не е лошо да се поттикнува делењето, но на помалку наметлив начин кој никого нема да остави незадоволен. На пример:

„Ема, Петар прв ја зеде таа играчка и сега тој малку ќе си игра со неа. Ти можеш да избереш нешто друго. Петар, ти сега со тоа играј, но можеш да ја поделиш играчката со Ема, што би било навистина убаво, ама тоа е твој избор“.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top