Постојат одредени моменти на родителство кои засекогаш ќе останат во вашата свест.
Породувањето.
Првиот пат кога вашето бебе ќе го каже вашето име (или името на партнерот).
Оној пат кога ќе го најдете како игра со новата шминка што сте ја платиле еден куп пари, кога сте одлучиле да се почестите себеси, откако една недела сте се убедувале дека вредите доволно за да си купите такво нешто.
Ах, спомени.
Освен обврската децата да ви бидат најадени, (релативно) чисти и облечени, нивното забавување одзема прилично многу време бидејќи имагинацијата и ентузијазмот на децата за игра се бескрајни.
Мојот син еднаш, кога влегувавме во неговиот омилен парк, рече дека ќе игра толку силно додека не добие чувство за повраќање. И мислам дека тоа прилично го сумира предизвикот пред родителите – создавање искуства што се на исто ниво со радоста во паркот. Ова се лекциите што ги научив со текот на годините забавувајќи три деца под 6-годишна возраст и истовремено одржувајќи го на ниво сопствениот разум.
1. Структурираната игра е одлична, но магијата се случува во секојдневието
Со моето прво дете ги усовршив вештините за структурирана игра. Пребарував на интернет и наоѓав идеи за тоа што би можел да прави мојот син. И да, му се допаѓаа овие активности, но најмногу му се допаѓаше кога ги носеше камиончињата во бањата затоа што им беше потребно капење. Или кога ќе најдеше кал во дворот и ќе копаше низ неа со лажица. Кога ќе најдеше картонска кутија и ќе ја претвореше во автомобил или пештера или воз за неговите играчки.

Кога ги добив второто и третото дете, завршив со структурираната игра. Сега ги имам најкреативните, најдивите, најиновативните мали луѓе кои успеваат да направат нешто од ништо. Дајте им простор на децата за да ја искористат фантазијата. Оставете ги да се досадуваат – од досадата подоцна произлегува магијата.
2. Никогаш не потценувајте ја забавата во кујната
Поради тоа што имав таква потреба, моите деца постојано беа во кујната со мене. Без оглед дали бебето беше врзано за мене или набљудуваше од безбедно растојание, сите мои деца седеа во нивните столчиња играјќи со тестенини и помагајќи ми, секогаш вклучувајќи се во активностите што ги правам.

И го обожаваа тоа. Како што созреваа, активно почнаа да ме прашуваат дали можат да помогнат во приготвувањето на нивните омилени рецепти. Обожаваа да прават колачиња. Како и со многу активности со децата, треба да планирате однапред. Одредени опасни активности, на пример со ножеви, треба да се избегнуваат, но ако вам ви е во ред тоа што ќе направат неред, треба да ги пуштите во кујната со вас.
3. Играчките се одлична работа, но избирајте ги паметно
Имав многу време да го набљудувам однесувањето на моите деца кон играчките што ги поседуваат. Бев збунета од нивната верност кон одредени работи и нивниот очигледен презир кон други работи. Она што успеав да го откријам е дека одредени играчки го издржуваат тестот на времето, а моите деца постојано ги користеа и ги сакаа, без оглед на возраста, полот или трендовите – тоа се играчки што се креативни и нудат многу можности.

Ваквите играчки им овозможуваат на децата да ја искористат својата имагинација на илјада различни начини. Тие се едукативни без децата да сфатат дека се. Тоа се играчки како комплет за доктори, коцки, играчки за редење и слично.
4. Кога ништо не успева, излезете од дома (ако можете)
Една мудра баба еднаш, како што го држев моето бебе старо два дена, ми кажа дека свежиот воздух и сонцето секогаш помагаат.
И тоа е лекција за која цврсто се држев во текот на родителството на сите мои три деца. Излегувањето надвор е противотров за најтешките бури, најтешките непроспиени ноќи. Без оглед дали станува збор за парк, игралиште, плажа или кофа со вода во дворот. Сè уште имам торба со играчки за надвор што ги оставам во багажникот на автомобилот. Кофи и лопати, чаши и чинии кои мигрирале од кујната. Со текот на годините се додаваа разни работи; камчиња, специјални стапчиња, автомобили.

Можам да ја извадам оваа торба и ми е гарантирано малку време да дишам (и да го испијам кафето). Истите овие играчки во опкружувањето на домот можеби не се ништо посебно, но кога ќе бидат однесени на отворено, одеднаш тие стануваат клуч за нов свет.
Автор: Наоми Фоксал