Во некои училишта денеска имаше прием и на првачиња и на учениците од погорните одделенија, а во други, пак, децата воопшто не појдоа на училиште бидејќи така им било кажано од наставниците и директорите

Првиот училиштен ден од оваа учебна година донесе бурни реакции, најмногу од родителите. Социјалните мрежи, особено „Фејсбук“, се преплавени од коментари и негодувања, но и поддршка за наставниците кои одлучија да го искажат своето незадоволство поради ниските плати со предупредувачки штрајк, организиран од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).

Во некои училишта денеска имаше прием на првачиња и на ученици од погорните одделенија, а во други, пак, децата воопшто не појдоа на училиште бидејќи така им било кажано од наставниците и директорите.

Маша Младеновска, прваче во „Јохан Хајнрих Песталоци“

– Ние бевме навреме информирани дека од денеска почнува учебната година. Децата беа примени, а и за првачињата веќе беше сè организирано, со балони и свеченост. Но, за жал, сè додека нема единство, наставниците нема да се изборат за целта – вели мајка на ученички во Основното училиште „Даме Груев“ во Битола.

Требаше поинаку да се организираат

Мајка на дете што учи во „Љубен Лапе“ во Аеродром вели дека првачињата биле примени, но учителката на нејзиното синче не дошла.

– Другите се запознаваа со учителките, а приредбата е одложена за утре. И јас сум крајно револтирана. Требаше да се организираат и да објават, а не вака – вели мајката.

Во училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ дечињата биле пречекани од своите наставнички во училишниот двор, на училиште биле два часа. Имало свечен прием на првачињата. Во „Владо Тасевски“ во Козле не се примале ученици.

– Вчера имавме информација да ги однесеме, а денес ставија соопштение за предупредувачки штрајк. Некои наставници изгледа примале деца, но не можам со сигурност да тврдам. Како и да е, наставниците добија поддршка, барем од нашето одделение – вели родител на ученик во ова училиште.

Прием на деца денеска имало и во „Живко Брајковски“ во Бутел. Во „Братство“ децата биле присутни 40 минути, но имало само неколку дечиња. Родителите биле информирани дена на родителска средба ќе им биде соопштено што ќе се прави понатаму.

Неделков: Во октомври може да организираме генерален штрајк

Јаким Неделков, првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура, вели дека предупредувачкиот штрајк кој е во тек е успешен.

– Притисоци немаше, иако имаше најави дека ќе има. Ни се приклучија и вработени што не се наши членови поради солидарност. Имаше и наставници кои ги прифаќаа децата што беа дојдени. По овој предупредувачки штрајк очекувам надлежните институции да го чујат нашиот глас и до крајот на овој месец да дојдеме до заемно прифатливо решение, кое ќе го подобри социјалниот статус на просветните работници – вели Неделков.

На прашањето што ако не се исполнат барањата за поголеми плати за наставниците, тој најави дека СОНК во октомври или ноември ќе организира генерален штрајк и дека нема да има настава.

– Знам дека имало разочарани родители и првачиња, но тие знаеја дека ќе штрајкуваме денеска и знаеја дека нема да има настава. Ние бараме поддршка од родителите во оваа ситуација, а нивното неносење на училиште значеше поддршка за наставниците. Во секој случај, ако не бидат чуени нашите барања, нема овде да застанеме и во октомври или ноември ќе организираме генерален штрајк, кој ќе биде подолготраен – вели Неделков.

Адеми: Нема причина за штрајк

Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска беше во посета на две основни училишта во кои почна учебната година.

– Не знам во колку училишта се штрајкува, но во добар дел новата учебна година почна нормално. Нема причина за штрајк, Владата работи на подобрување на статусот на наставниците. Им посакувам успех на учениците и наставниците во претстојната учебна година – рече Адеми.



912

X