Некои деца го прераснуваат аутизмот, велат истражувачите, но губењето на дијагнозата не значи дека тие деца се ослободени од сите лесни предизвици и проблеми. Иако аутизмот традиционално се смета за доживотна состојба, доказите од последните години укажуваат дека постојат деца што „закрепнуваат“. Нова студија нуди најголем поглед на она што се случува кај децата што повеќе не се во некое од нарушувањата од спектарот аутизам.

Истражувачите погледнале клиничка евиденција на 569 деца на кои им е дијагностициран аутизам помеѓу 2003 и 2013 година, кога децата во просек имале 2,5 години. Четири години подоцна, откриле дека 38 деца веќе не ги исполнуваат дијагностичките критериуми за аутизам. Сепак, сите деца, освен 3 кои веќе не исполнувале критериуми за аутизам, имале и други дијагнози и уште им бил потребен одреден вид терапија и поддршка.

– Секако е охрабрувачко да се потврди дека подгрупа на деца со рана дијагноза за нарушување од спектарот аутизам, придружено со доцнење во развојот, всушност може да закрепнат од нарушувањето и да продолжат со типично социјално и когнитивно функционирање. Овие деца во голема мера и понатаму се борат со секојдневниот живот. Речиси сите сè уште мора да се соочуваат со говорни тешкотии и тешкотии во учењето, како и со различни емоционални проблеми и проблеми во однесувањето – вели д-р Лиса Шулман од Медицинскиот факултет „Алберт Ајнштајн“ во Њујорк, која ја водела студијата објавена во списанието „Журнал за детска неврологија“.

Децата чии документи се прегледани за студијата биле дијагностицирани во програмата за рана интервенција за деца со тешкотии во развојот во Бронкс, а истражувачите од Њујорк рекле дека повеќето деца учествувале во некој вид услуги, како што се применета анализа на однесување, говорна терапија или работна терапија.

Од оние што го „надминале“ аутизмот, 68 отсто имале тешкотии со говорот или учењето, покажало истражувањето. Исто така, 49 отсто имале нарушување – хиперактивност и недостиг на внимание или слични проблеми во однесувањето, околу четвртина имале нарушување во расположението, тегоби или опсесивно-компулсивно нарушување или селективен мутизам, а мал процент имале и психотично нарушување.

Шулман вели дека резултатите поставуваат неколку прашања: Дали аутизмот во почетокот бил пречесто дијагностициран? Дали некои деца се поспособни да реагираат на интервенција? Дали специфичната интервенција што ќе ја добие детето придонесува за исходот? Нашето мислење е дека некои деца со нарушување од спектарот аутизам реагираат на интервенција, додека други имаат единствени развојни движења кои доведуваат до подобрување – вели таа, истакнувајќи дека децата што го „надминале“ аутизмот на почетокот имале најлесни симптоми.

– Пораката од нашата студија е дека некои наши деца неверојатно добро напредуваат, но повеќето од нив имаат тешкотии кои бараат постојано следење и терапевтска поддршка – вели Шилман.

Автор: Шон Хејсли

Извор



912

X