Кога станува збор за родителството, понекогаш може да биде тешко да се открие која е правилната работа што треба да се направи. Затоа, мајките и татковците минуваат часови, денови, недели, па дури и месеци размислувајќи за одлуките што ги донеле.

Во тоа се уверила и една мајка која на социјалната мрежа „Редит“ раскажа за ситуацијата во која се нашла. Анонимна 44-годишна мајка ја споделила својата дилема и побарала совет од другите родители. Таа објаснила дека нејзиниот син, кој е тинејџер, разговарал со неа и со таткото уште во октомври и прашал дали може да оди на советување кај експерт. Момчето не сакало да разговара со родителите за своите причини, но чувствувало дека мора нешто да направи.

– Разговаравме со него и му објаснивме дека ако некогаш треба да зборува за нешто, ние ќе бидеме тука да го ислушаме и ќе го сакаме без оглед на сѐ – напишала оваа мајка.

Во една пригода, додека ја чистела неговата соба, таа нашла трогателно писмо со наслов „Како се гледам себеси“.

– Обично не пребарувам низ работите на децата без причина, но неговите полици генерално се полни со ѓубре и тој е премногу мрзлив да го фрла – напиша таа, додавајќи дека разбрала дека не требало да го прочита писмото, но го оставила таму каде што го нашла.

– Во писмото пишуваше колку негативно се гледа себеси, дека се чувствува несакан, безвреден и дека им нанесува болка на сите околу него. Тоа ме натера да се запрашам дали како мајка направив сѐ за тој да се чувствува ценето и сакано како личност – напиша мајката и додаде дека верува дека писмото е наменето за неговиот терапевт, бидејќи момчето понекогаш морало да ги запишува работите за своите сеанси.

– На сопругот му кажав што открив и тој рече дека е најдобро да се преправам дека воопшто не сум го прочитала, дека она што се случува меѓу него и неговиот терапевт е приватна работа и не треба да се мешаме, освен ако не го побараат тоа од нас. Јас мислам дека е добра идеја да разговараме со него за тоа за тој да сфати дека ништо од тоа што го напишал не е точно – пишува мајката.

Сепак, редит-корисниците сметаат дека таткото е во право и дека не треба ништо да му се кажува на синот, туку родителите да се погрижат тој да сфати дека е сакан.

– Немојте да му кажувате дека сте го прочитале писмото. Наместо тоа, кажете му дека го сакате и секој ден изговарајте афирмативни реченици – советува еден корисник.

– Јасно е дека се грижите. Ако пишувате овде, значи дека навистина разбирате дека страда. Засилете ги позитивните реченици и проверете дали се чувствува поврзано со терапевтот. Заедно следете го неговото водење и едноставно бидете достапни за вашето дете – смета друг корисник.

Извор



912

X