Оваа 2020 година за многумина од нас е една од најлошите години во животот. Повеќе или помалку – сите сме под стрес, а актуелната ситуација предизвикана од коронавирусот, испреплетена со низа други проблеми и стресни ситуации, многумина од нас ги доведе на самиот раб. Понекогаш на крајот од денот би сакале само да врескаме. Експертите велат: „Што чекате? Врескајте!“

Според учењето на д-р Артур Јанов, автор на бестселерот „Основна терапија“ од 70-тите години, ослободувањето од напнатоста со врескање може да биде и тоа како лековито. Јанов верувал дека врескањето може да излекува болести како депресија и алкохолизам, па дури и да донесе светски мир.

Здравствената заедница со текот на времето го дискутирала учењето на Јанов, па многу терапевти се согласуваат дека врескањето е лековито за душата. Значи, со врескање можеме да постигнеме мир во светот, но можеме да го постигнеме и својот мир. Сепак, не е сеедно каде и како врескате. Мерката функционира само ако се изведува во затворено опкружување и ако вашето врескање не е насочено кон некоја личност или предмет. На пример, ако 10 минути врескате на правосмукалката која се расипала непосредно откако вашите деца на подот расфрлале трошки, тоа не се смета за ефективно, а не е ниту општествено прифатливо. Врескањето ќе има најголем ефект ако изработите кутија за врескање и врескате во неа.

Метафорички, кутијата ќе ви помогне во неа да ги оставите своите негативни емоции. А тоа е далеку подобро и поефикасно отколку да врескате на луѓето околу себе. Целта е во тоа што – откако ќе ги ослободите негативните емоции во кутијата, можете да ги вдишите назад оние позитивните. Застапниците на оваа теорија велат дека кутијата за врескање може да биде и забавен начин на кој со емоциите може да се справуваат и вашите деца. Секој родител што им викал на своите деца, сопружникот и/или вестите на телевизија, знае дека кутијата за врескање не е најлошата идеја ниту за возрасните.

Изработката на кутијата е многу едноставна. Сè што ви треба е кутија, малку хартија, стари чорапи и маркери. Подобро е ако кутијата е подолга и ниска, но во ред е и секоја кутија на која ќе наидете. Завиткајте ја кутијата со хартија и наполнете ја со работи што ќе го придушат звукот. Можете да користите распарани чорапи, памук, сунѓер од перница или стуткана хартија. Трет чекор – кутијата обојте ја по желба. Една од идеите е на едната страна да напишете „влез“ и да ги испишете негативните емоции како бес, разочарување, незадоволство… На другата страна напишете „излез“ и напишете ги сите позитивни емоции како што се среќа, љубов, задоволство. Можете да нацртате и смајли, сонце… Ако користите поширока кутија, на врвот исечете мал круг во кој ќе ставите ролна од тоалетна хартија. Така ќе добиете помал отвор низ кој ќе викате во кутијата.

Кога сте под стрес или сте фрустрирани, земете ја кутијата и извадете ги од себе сите лоши чувства. Кутијата нема целосно да ги придуши вашите звуци, но во неа можете да го пуштите својот бес, а притоа да не повредите нечии чувства. И затоа, само напред. Бидете креативни во изработката на кутијата, а кога ќе ја изработите – врескајте во неа.

Извор



912

X