Воспитување

Не жртвувајте ги семејните вредности!

Во последно време сè повеќе родители имаат дилема како да ги воспитуваат своите деца. Оние што сакаат да ги воспитуваат согласно традиционалните семејни вредности многу често ќе бидат во ситуација да го тешат своето дете затоа што не може да се вклопи во групата врсници, затоа што ги нема вештините што се потребни за успешно снаоѓање и функционирање во општеството… дали семејните вредности се несоодветни за ова општество… или можеби општеството е несоодветно, односно не го поддржува традиционалното семејство?

Кога родителите станаа толку попустливи?

Се чини дека општеството во транзиција станува изговор за нормализирање на несоодветните работи и појави. Во кој момент стана нормално група деца да седат и да зјапаат во таблетот наместо да си играат криенка; од кога адолесцентските забави или излегувања подразбираат пијанење, брзо возење, доаѓање дома взори; од кога девојчињата од 14 години по изгледот и однесувањето не се разликуваат од 30-годишните девојки; од кога барањата на малолетните деца се толкави што просечните родителски примања можат да ги задоволат само во најмал процент? Кога родителите станаа толку попустливи што со својот стил на воспитување им прават штета на своите деца?

Брзиот ритам на живот и желбата да се создадат што подобри материјални услови не би требало да бидат изговор за некритичкото прифаќање и промовирање на сè што наметнува општеството. Семејните вредности сигурно не можат да се негуваат на начин како пред 50 години, но тоа не значи дека воопшто не треба да се негуваат. Родителите треба да одлучат дали и во која мера ќе инсистираат на тоа.
Иако не може да се влијае врз општеството на глобално ниво, може да се влијае на ниво на семејство. Родителите ги дефинираат своите ставови кон општеството, односно одредуваат што е добро и прифатливо и треба да ги насочуваат децата во тој правец. За да го постигнат тоа, потребно е да ги зајакнат индивидуалноста, самопочитта, самодовербата кај своите деца, чувството на заедништво и припаѓање, прво кон семејството, а потоа и кон другите општествени групи. Единствено емоционално сигурното дете, кое е поддржано од своето семејство и кое знае дека во семејството има сигурна база, ќе успее да се избори со притисокот на врсниците во различни контексти.

Родителите да не се плашат да одбијат некое барање на децата

Адаптацијата на семејните ставови на конкретниот контекст е целосно прифатлива, но со критички осврт на барањата од општеството. Сите барања што доаѓаат однадвор треба да се согледаат низ призмата на семејните правила и вредности и да се дејствува во согласност со нив. Родителите не треба да се плашат понекогаш и да одбијат некое барање на децата, тоа е нивната улога, со својот пример и поставувањето граници да им укажат што е прифатливо, да ги заштитат и да ги поттикнат да размислуваат за своето однесување.
Родителите имаат сила, животно искуство и моќ во домот, доволно голема за да можат на децата да им ги пренесат семејните вредности што ги почитуваат. Секој родител е најдобар експерт за своето семејство, иако понекогаш потклекнуваат под влијание на секојдневната грижа и брзањето. Затоа, родители, разговарајте со вашите деца, поставете и со текот на времето ревидирајте граници и правила, негувајте ги семејните ритуали и во односот кон децата останете доследни на вашите принципи.
Автор: Милица Белада

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top