Од моментот кога ја родив мојата ќерка коментарите за мајчинството од типот – мајчинството е нешто што на жените им носи многу радост, нема ништо поважно на светот од мајчинството, родителството им носи на жените среќа која никогаш не можеле да ја замислат – направија да се чувствувам ужасно, дека нешто не е во ред со мене. Бидејќи, погодете што?

Не ми се допаѓа „професијата“ мајка.

Цел живот не замислував дека нема да бидам мајка. Пораснав сакајќи ги децата. Чував деца како дадилка, ги учев да пливаат и да танцуваат, ги советував. Бев роднината и тетката која седнуваше на подот и играше постојано со најмалечките во семејството. Чувствував голема радост кога бев околу деца. Мајчинството што сакав да го искусам дури и направи да се запрашам во врска со мојата кариера како физичар – дали мојата љубов кон децата ќе има поголема смисла за мене ако бидам мајка-домаќинка? Имањето деца за мене значење посветување.

Откако се роди мојата ќерка, чекав. Чекав да чувствувам таква радост, блесок, чувство на апсолутно задоволство и радост кои мајчинството требаше да ми ги донесе. Кажував изговори во однос на тоа зошто не се поврзав со други жени кои изгледаа дека апсолутно ја сакаат нивната улога како мајки. „Имаш постнатална депресија. Откако ќе помине, ќе го сакаш мајчинството повеќе. Се разбира дека сака да биде мајка, нема немирно бебе. Нејзиното бебе е лесно. Лаже, го обожава мајчинството. Сè е глума“.

Како што поминуваа годините, морав да се соочам со фактот дека иако ќерка ми беше бебе „лесно“ за справување, а мојата постнатална депресија беше во пораст, не дојдов до сознанието и чувството дека мајчинството ме исполнува или стимулира. Напротив, имав чувство дека е здодевно, фрустрирачко, неблагодарно и повторувачко. Подготвување оброци. Чистење. Бришење. Возење. Перење. Пак чистење. Плачење. Кенкање. Уште плачење. Повтори. Реалност во која не наоѓам радост, ниту исполнување во мајчинството, кое сметав дека ќе ме допре до самата срж.

Немаше начин да знам дека вакво ќе биде моето мајчинско искуство сè додека не се случи навистина. Да знаев дека ова ќе биде мајчинската реалност за мене, веројатно немаше да имам уште деца. Гледајќи ги моите пријатели кои го чекаат второто дете или, пак, третото, не ми се создаваше чувство дека матката ми е празна. Напротив, чувствував паника од помислата да имам уште едно дете. Мојата паметна, енергична, смешна ќерка ми ја зеде целата енергија. Немам ништо повеќе да дадам.

Бидете сигурни – мојата ќерка од речиси четири години е неверојатно мало девојче и има неверојатен живот. Ве уверувам дека е длабоко сакана, не само од мене и сопругот, туку и од поширокото семејство и пријателите. Играме игри, читаме книги, гледаме филмови, излегуваме, шетаме, скокаме, трчаме, одиме на часови по танцување и по пливање. Се гушкаме, се бакнуваме и таа ми вели дека сум ѝ најдобра пријателка 348,347,837 пати на ден. Не жалам што ја имам.

Не е лесно, но учам да прифаќам дека никогаш нема да бидам таа мајка што ќе сака детето да ѝ учи дома, или да остане дома со мене кога ќе имам слободен ден наместо да ја испратам во градинка. Ова е за мене нормално и е сосема во ред. Ми треба мојата работа како физичар за да се чувствувам среќна. Јас сум екстремен интроверт, па очајно ми треба и време за себе, во тивок дом. Треба повторно да ги наполнам батериите без малечко тело да се качува по мене и да бара грицки и да ме прашува зошто небото е сино и да има потреба да седам до неа додека врши нужда. Можеби годините на малите деца едноставно не се за мене и кога таа ќе порасне, уживањето во мајчинството ќе биде поголемо. А може и нема.

Толку е табу-тема да се изрази незадоволството од мајчинството, што многу е тешко да се најдат луѓе со исто мислење, а и што поминуваат низ истото. Ако сте мајка и не го сакате тоа, не сте сами. Следниот пат кога ќе видите или чуете луѓе кои велат колку ги исполнува родителството и ги усреќува, или дека посакуваат да не се вработени за да можат да останат дома со своите деца – а вие се чувствувате виновни што не се чувствувате така – потсетете се дека не секој ја сака улогата на родител, но тоа не значи дека го сакате вашето дете помалку од оној што ужива во тоа.

Извор



912

X