Особено е значајно како околината ќе реагира на грешките во говорот кај детето: дали ќе го поправа или не
Создавањето правилен развој на детскиот говор почнува уште додека детето се наоѓа во утробата на мајката. Сето она што би можело да им штети на мајката и на детето и да остави штетни последици врз неговиот психички, физички развој, како и врз говорот (болести, повреди), треба да се спречи и отстрани. Тоа исто важи и за време на породувањето на мајката и животот на детето во раното детство.
За време на физиолошката фаза на нетечен (бебешки) говор, средината треба да му се обраќа на детето со правилен говор (цели зборови и кратки реченици без употреба на деминутиви како стомаче, главичка, лепче и сл. бидејќи тие се тешки за изговарање и помалку се употребуваат во говорот). Освен тоа, средината ќе го објаснува значењето на новите зборови со покажување предмети и активности на детето, што ќе придонесе за развој на логичката (содржинската) страна на неговиот говор и полесно запаметување на зборовите. Со тоа на детето ќе му се помогне полесно да го совлада физиолошки неправилниот говор и да се предупреди појавата на патолошки говор.
Детето во фазата на физиолошки неправилен говор повремено и подоцна ќе греши во изговарањето на гласовите, зборовите и речениците. Особено е значајно како околината ќе реагира на ваквите грешки кај детето: дали ќе го поправа или не. Погрешно би било доколку родителите без консултација со стручно лице – логопед (на своја рака) преземаат мерки за исправување на детскиот говор. Особено се штетни замерките и опомените на возрасните кои се упатени кон детето: „Ти грешиш во говорот“. „Ти кажуваш оз и ака“. „Внимавај како ќе го кажеш тоа!“ „Повтори како што јас кажав!“ Со ваквиот начин на исправување, особено кога родителите ги повторуваат детските погрешно изговорени зборови, вниманието на детето се фиксира на нив и во неговиот говор се потврдуваат неправилните рефлекси. Со таквиот начин на исправување не се постигнува успех. Напротив, физиолошки неправилниот говор преминува во патолошки (станува постојана навика).
За да му се помогне на детето, постојат два начини:
1. Да не се обрнува внимание и да не се поправаат детските грешки (тоа само ги совладува со слушањето правилен говор од околината).
2. Поправање на грешките во говорот на индиректен начин.
Тоа се прави на следниов начин: детето во говорот неправилно изговара некој глас или погрешно кажува некој збор (овие грешки обично се постојани). Родителот (или воспитувачката во градинка) неупадливо, без напомена или опомена, ќе го изговорат зборот правилно без да бара од детето тоа да го повтори. Потоа, во други ситуации родителите повеќе пати во разговор (или во раскажување) ќе го изговорат истиот збор (или глас во зборовите) правилно без да бараат детето да го повтори тоа. Со честото слушање на правилен изговор детето ќе го поправи и својот неправилен инфантилен говор.
Како превенција против појавата на детскиот неправилен говор може да послужат и честите разговори на родителите со детето, кои се однесуваат за некои интересни работи, активности и случувања, за слики од сликовници и детски книги, потоа кажување кратки приказни за мали деца, читање стихови и интересни статии со разбирлива содржина. Во сето тоа говорот на родителите (и воспитувачите) треба да биде целосно правилен за да послужи како пример кој детето ќе го имитира. Овие разговори и активности не треба долго да траат, ниту да му се наметнуваат на детето. Присилувањето на детето на говорните вежби (да изговара стихови или да зборува по барање на возрасните) може да му ја намали желбата за говорење.
И детето со неправилен говор треба да има свое друштво (детско друштво), кое ќе го поттикнува да зборува за време на игрите. Но, треба да се води грижа за тоа децата (или возрасните) да не му се потсмеваат поради неправилниот инфантилен говор.
Детето треба уште од мало да се навикнува да се грижи за хигиената на устата и забите. Ако тоа има неправилна положба и распоред на забите и ако тие му се расипуваат, треба да се побара помош од стоматолог без разлика дали се работи за млечни или трајни заби. И недостигот на млечни заби, посебно предните, придонесува за појавата на нетечен говор бидејќи поради нивното долго отсуство (до никнувањето на трајните заби) ќе се вкорени навиката за погрешен изговор на некои гласови (обично с, з, ч, ц) кои инаку се формираат со помош на инцизивите.
Исто така, потребно е благовремено да се побара помош од специјалист кога ќе се забележат кај детето дефекти на говорните органи или наглувост или кога органите за говор и слух ќе се разболат или повредат.
912