Ако сте го запоставиле своето сексуално здравје среде пандемија, потсетете се на важноста на редовните гинеколошки прегледи, а подолу ви донесуваме одговори на важни прашања во врска со важноста на ПАП-тестот во превенцијата од рак на грлото на матката.

Минатата година, поради пандемијата, одложивме голем број обврски, вклучително и медицинските прегледи. Стравот од Ковид-19 ја разниша нашата доверба кај општите лекари и нè убеди дека и онака не треба да им го „трошиме драгоценото време“ на преоптоварените здравствени работници. Но, доаѓа време полека да се вратиме во секојдневниот и нормален живот и да се посветиме на здравјето, особено на сексуалното здравје.

Со цел да се подигне свеста за важноста и начините за спречување на рак на грлото на матката, д-р Шри Дата, гинеколог и медицински експерт од Велика Британија, донесува детални информации за ПАП-тестот, како и за причините поради кои мора да го правиме тоа дури и за време на пандемија.

Што е рак на грлото на матката?

Ракот на грлото на матката или цервиксот се развива кога клетките на тој дел од матката стануваат абнормални. Со текот на времето, овие клетки можат да се развијат во тумор и постои ризик да се прошири на соседните органи, како што се мочниот меур или цревата. Бидејќи грлото на матката содржи два различни типа клетки, плочести и жлездени, во случај на абнормалности, постои можност тие да се развијат во два различни типа рак.

Што претставува ПАП-тестот?

ПАП-тестот може да се направи кај гинеколот. Не треба да имате месечен циклус за време на ПАП-тестот. Откако ќе се сместите удобно, лекарот ќе го прегледа грлото на матката со специјално огледало (спекулум).

При испитување на грлото на матката се обрнува внимание на неправилности или абнормалности на неговата површина. По детално испитување на површината, се зема примерок од клетки со мала четка што потоа се испраќа во лабораторијата за понатамошна анализа. Целата постапка за земање брис за ПАП-тест трае 5-10 минути.

Кое е значењето на ПАП-тестот?

Примерок од клетката земен со брис од грлото на матката се испраќа на анализа за да се провери инфекцијата со хуман папилома вирус (ХПВ). Ова е вообичаена практика и со текот на времето цервикалните клетки можат да се променат. Затоа, во случај на откривање на ХПВ на вашиот брис, веројатно ќе бидете упатени на понатамошна анализа. Овој чекор е важен затоа што ако не се лекуваат абнормални цервикални клетки, тие можат да се претворат во рак на грлото на матката.

Колку често треба да се прави ПАП-тестот?

Се препорачува сите сексуално активни жени еднаш годишно да направат ПАП-тест, а во некои земји се препорачува ПАП-тестот да се направи на секои три години. Во случај да забележите необични симптоми, како што е неправилно крвавење или исцедок од вагината, консултирајте се со вашиот лекар и проверете дали треба да направите ПАП-тест, дури и ако сè уште не е време за редовен преглед.

Зошто е важно да се направи ПАП-тест за време на пандемија?

Здравјето секогаш мора да се земе предвид, затоа медицинските прегледи не треба да се одложуваат дури и во пандемија. ПАП-тестот е исклучително важен бидејќи може навреме да открие несакани промени во грлото на матката, а тоа овозможува навремено лекување. Бидејќи повеќето пациенти немаат симптоми во раните фази на рак на грлото на матката, брис од грлото на матката е најдобриот начин да се провери и спречи.

Запомнете дека пандемијата нема да помине толку брзо, па ако е време за ПАП-тест, контактирајте го вашиот лекар кој ќе ве извести за епидемиолошките мерки пред да одите на преглед.

Што ако сте изложени на ризик или премногу се плашите да одите на лекар?

Ако спаѓате во ризична група или едноставно се плашите да не се заразите од Ковид-19, внимателно следете ги епидемиолошките совети. Ако е време за редовен ПАП-тест, контактирајте го вашиот лекар и проверете дали сите епидемиолошки мерки се воспоставени. Тешко е да се каже со сигурност кога ќе заврши пандемијата, кога ризикот ќе исчезне и колку долго ќе чекате за следниот ПАП-тест.

Ако забележите нешто необично, на пример, абнормално вагинално крвавење помеѓу циклуси или по секс, абнормален исцедок од вагината и слично, не заборавајте да се консултирате со вашиот лекар. Секогаш постои можност да се договорите да дојдете први на преглед за да го минимизирате контактот со други пациенти, и ако сте во изолација, тогаш закажете состанок со лекар откако ќе заврши вашиот карантин, за да не го ширите вирусот.

Автор: Шри Дата, гинеколог и медицински експерт
Извор



912

X