Онака, новинарски да кажам – не го сакам Божиќ. Колку и да звучи жално и мрачно, не го сакам. Сепак, секако дека тука постои една голема финта. Не ми се допаѓа она што самите го направивме од Божиќ, пишува Кристина Кос за miss7mama.

Да тргнеме по ред – секоја година, три месеци пред Божиќ, почнуваат божиќните песни, филмови, се украсуваат трговските центри и на сите можни начини мајките купуваат работи што апсолутно не им требаат (навистина не знам што ќе ми се ирваси што светат, огромни ѕвезди, црвени свеќници…), освен што една недела стојат на полицата. Искра десетпати на ден ги симнува долу, па зад нив бришам прашина, па ги складирам во кутии што следната година не можам да ги најдам. Секоја година си ветувам дека нема да купам ниедна божиќна глупост и дека ќе ги дадам парите на некој на кој му требаат. Секако дека секогаш купувам, барем една, а оваа година тоа беше преслатко фустанче за мојата ќерка, но тоа ми се простува.

Претходната година мојот сопруг и јас одлучивме дека нема да купуваме подароци за роденден. Исклучок секако е Искра, и парите што мислевме да ги потрошиме за подарок, да ги уплатиме за добротворни цели.

Треба ние, но и сите други, да ја усвоиме оваа навика и за Божиќ. Ми се лоши од она – време е за дарување и секако дека како и секоја мајка, ќе купам нешто за под елката од Дедо Мраз, но сето тоа отиде премногу далеку.

Време на дарување може да значи само дарување љубов, на која сите некако заборавивме. Како што велат мудреците, не е важно да се прават големи работи, туку мали работи со големо срце. И тоа ќе нè направи посреќни и поисполнети, а не елените, топките и светилките.

Кога и како воопшто дојде до тоа сè да мора да биде совршено, инаку не би биле задоволни? Кога толку се вративме назад? Како дојде до тоа сите да мораме да имаме плазма-телевизори, нови фрижидери, дома сè да биде средено, на тепихот да нема ни трошка чоколадо, на прозорците да не се гледаат детските рачиња…

Како дојде до тоа да имаме сè, а да не сме среќни?

Малку да се оддалечам од темата. Се сеќавате на свети Никола кога бевме мали? Ги чистевме чизмите, навечер ги стававме на прозорците, се превртувавме цела ноќ во креветот од возбуда, станувавме рано наутро од топлите кревети и трчавме кон прозорецот со поспани очи да видиме што ни оставил.

А св. Никола главно оставаше чоколатце „животинско царство“, некое чоколатце, можеби наполитанки и една „чунга лунга“. Секако, тука беше и дрвце – не златно со ѕвончиња, туку она вистинското, дебело, скршено од дрвото во дворот. И на нашата среќа ѝ немаше крај.

А денес, денес е сосема друга приказна. Денес, на нашата ќерка Никола ја посетува на неколку локации – дома, кај нејзините баби и дедовци, кај другите баби, кај нејзината тетка, кај нејзиниот чичко… Нашата Искра доби гумени домашни животни, пластични садови, капи и ракавици, кадифени животни, сложувалки, топлинки за во градинка, голема сликовница, пари, киндер-чоколади, пет чоколадни дедомразовци, дорина, бонбони, киндер-јајца…

Ја сфаќате поентата? Не е поентата во подароците, но денес преку подароците си кажуваме едни на други колку се сакаме. И би лажела кога би рекла дека не ја сакам насмевката на лицето на Искра кога ќе се воодушеви со нешто што ќе го добие, би лажела кога би кажала дека не ѝ ја купувам играчката по која гледам дека воздивнува и дека едвај чекам да ја видам во новото фустанче. И би лажела кога би рекла дека не се радував минатиот Божиќ, кога Искра имаше само пет месеци, на лампионите, светилките и сиот тој сјај затоа што сето тоа ја радуваше мојата ќерка. А она што ја радува неа, мене ме радува трипати повеќе.

Нели треба да се чувствуваме среќно, исполнето и насмеано?

Но, сепак, мислам дека сето тоа отиде премногу далеку, а за тоа ние сме виновни – самите ние. Така, Божиќ главно ме асоцира на чистење на куќата, бришење прозорци, печење сто вида колачи, приготвување неколку јадења, за да се изедат за 15 минути и да ни биде мачно во втората половина од денот, а наредниот ден да бидеме без пари, со болки во стомакот, па доста ни е Божиќ, вториот ден веќе го забораваме.

Нели треба да се чувствуваме среќно, исполнето и насмеано? Да, треба, но тие прашања не ги решаваат парите, а сигурно би биле среќни и со едно јадење и колачи и со помалку ирваси и ѕвезди, а со повеќе време за насмевка, маж, деца и најблиските.

Затоа издвојте некој денар за некое дете што го нема сето она што го имаат вашите деца, купете некое чоколатце помалку и помогнете им на другите, насмевката и среќата за Божиќ се загарантирани од двете страни. Како што вели Елса од популарниот анимиран филм „Снежно кралство“, љубовта ќе го стопи и најголемиот мраз во срцата.

Гушкајте ги и сакајте ги вашите најблиски

И на крај, оние истрошени приказни, како и да се свртиме и покрај сите комерцијализирани стапици, сите во срцето ја чувствуваме вербата за подобро утро, многу љубов кон луѓето околу себе, повеќе да простуваме, помалку да судиме, повеќе да се смееме и едни на други да си посакаме сè најдобро.

Затоа на Божиќ, но и секој друг ден, гушкајте ги и бакнувајте ги вашите малечки, смејте се со нив, глупирајте се, патувајте, танцувајте, пејте им и сто пати на ден кажете им дека ги сакате.

Не заборавајте да се заблагодарите што децата ви се живи и здрави, што имате топол кревет, храна, вода и покрив над главата, бидејќи голем дел од луѓето го немаат тој луксуз. Во вистинска смисла на зборот, имајте среќен Божиќ!



912

X