Децата имаат многу квалитети. Невиност, искреност, љубов кон животните и луѓето, чисто срце. Но, не и трпение. Тоа е навистина ретко.

Затоа на родителите им е толку тешко кога ќе видат дете како се обидува да направи нешто што е комплицирано за него, да не скокнат да помогнат. Затоа што знаат дека по пет-шест неуспешни обиди детето ќе сака да се откаже. И за да се спречи ерупција на емоции, токму тука ние, родителите, настапуваме за да ја поправиме (или можеби сепак да ја расипеме?) работата. Го закопчуваме патентот или ја врзуваме врвката од чевлите наместо тоа да го стори самото дете. Затоа што кој сака да слуша хистерија и плачење? А сепак, од друга страна, на сите ни е толку важно да ја развиеме кај децата таа клучна карактеристика што ќе им го обезбеди успехот во животот – истрајноста.

И тоа е тешко.

Пред неколку месеци мојот речиси седумгодишен син реши да нацрта слон. Сè одеше добро во првите десет минути. И тогаш видов како се променија неговите гестови и изразот на лицето. Движењата станаа остри, лицето се намурти, го бришеше нацртаното и повторно се обидуваше. Тоа траеше 3-4 минути, а потоа го испушти моливот.

А потоа тие зборови: „Не знам! Кога не знам, не знам! Не можам!“
Се разбира, еден дел од мене сакаше да ги каже познатите фрази за да ја поттикнам неговата самодоверба.

„Ти го можеш тоа!“

„Мене ми изгледа навистина убаво!“

„Затоа, не откажувај се, обиди се повторно. Ќе успееш ако се обидеш!“

Но, ова се само фрази што прават јас да се чувствувам подобро, како да сум направила нешто. Но, не забележав дека му помогнаа.

Наместо тоа, пробав нешто поинакво.

Седнав, се спуштив на неговото ниво и му реков:

„Покажи ми го тешкиот дел“.

Својот прст го стави таму каде што требало да биде главата на слонот, нацртана и избришана неколку пати. Хартијата веќе беше стуткана од гумата.

„Аха. Ги нацрта нозете, па телото и опашката. Ама малку те мачи главата. И сакаше да излезе навистина добро. Гледам дека си цртал и избришал неколку пати“.

Тој кимна со главата потврдно и додаде: „Не можам. Не можам да нацртам глава“.

„Гледам дека добро си почнал, дури и ушите се добри, но околу телото ти е потешко. Мора да постои начин да го нацрташ тоа и да бидеш задоволен. Како можеш да го постигнеш тоа?“

„Морам да вежбам“.

Зошто ова функционира?

Кога детето вели „Не можам“ или сака да се откаже, јас секогаш го велам тоа – покажи ми го тешкиот дел. Ова е добро затоа што, без разлика дали сте наставник или родител, ви дава многу важни информации. Тоа ви помага да разберете што му е лесно на детето, а што му е особено тешко, но му помага и нему да препознае кој е неговиот најголем предизвик и да го „скрши“ на помали делови со кои ќе се справува.

Плус, кога ќе му пријдете на нетрпеливо дете и ќе почнете да го уверувате дека навистина може да го направи тоа, веројатно ќе премине во одбранбен режим и ќе се обиде да ви докаже дека навистина не може.

Но, „покажи ми го тешкиот дел“ му помага на детето да го реши проблемот.

Чекор по чекор, син ми научи да си помага самиот. Пред неколку дена се обидуваше да направи некоја финта со топката што ја виде од пријателите и не му успеа. Ми рече „не вреди, не ми оди“, но пред да го замолам да ми го покаже тешкиот дел, тој само рече „но не е важно, само треба да вежбам повеќе“.

Извор



912

X