Ако сакате да им помогнете на своите деца да пораснат, да бидат „големи“ луѓе, образовани, воспитани, со карактер, со иднина, здрави, успешни… тогаш би било добро вие, како родители, да ја сфатите својата улога во сите тие образовно-воспитно-спортски случувања, да помогнете во создавањето на една здрава средина во која вашето дете ќе доживее оптимален развој во сите сегменти на спортот зашто родителите се многу важна алка во тој процес на учење. Децата се малолетни, полни со енергија и соништа, желби и очекувања, се радуваат на секој постигнат гол и победа, но исто така и се разочаруваат, тажни се кога нема да им се оствари зацртаната цел, кога ќе изгубат.
Вообичаено тогаш родителите ја искажуваат својата фрустрација во правец на своето-туѓото дете, неговиот соиграч, играчот на спротивниот тим, на тренерот, зашто „моето дете е Роналдо или Меси, а тоа што нема поим е смотано!“

Спортот ги трга децата од улицата и им дава иднина

Тренерот нема поим, ништо не ги научил, затоа изгубија! А, каде е тоа дека се бореле и дека дале сè од себе, но тој ден, на тој натпревар ништо не било доволно за на крај да се радуваат. Кому му е сега потешко, на родителите, кои не знаеја да уживаат, или на децата, кои се растурија од играње и на крај изгубија, или на тренерот, кој очекувал многу повеќе зашто децата можат, знаат повеќе? Во секој случај, на децата им е најтешко. Ние, возрасните, сме навикнати и да победуваме и да губиме, да паднеме, па да станеме. Научивме дека на крајот од тунелот има светло! Сè што не нè уби, нè направи посилни!
Прочитајте го овој текст, не повторувајте ги грешките, ако ги сакате своите деца, помогнете им да растат здраво, заедно со нивните тренери придонесете за развој на една здрава личност. Бидете реални во времето и просторот!
Еден е Роналдо, еден е Меси, еден е Тесла, еден е Новак, а целта на детскиот спорт е сосема друга, и тоа на крај е сплет на околности! Немојте да чекате поради сплет на околности, вашето дете на крај да заврши на улица! Спортот ги трга децата од улицата и им дава иднина, леб, зашто ќе им треба цел живот да го научат сето она што од спортот може да го научат.

Пренесуваме дел од книгата „Водич за родители за да им помогнат на децата да го извлечат максимумот од спортот“:

1. Не дофрлувајте инструкции
Во текот на натпреварот се обидувам да се сконцентрирам на тоа што го вели тренерот и да го правам тоа што сум го вежбал. Полесно ми е да го дадам својот максимум ако инструкциите и забелешките ги оставите за тренинг или ако ми ги дадете непосредно пред натпреварот.

2. Не навредувајте ги судиите
Тоа ме збунува и понекогаш се прашувам дали судиите ќе бидат построги кон мене затоа што моите родители дофрлуваат.

3. Не викајте ми на јавно место
Тоа само ќе ги влоши работите затоа што ќе бидам вознемирен, збунет и загрижен дека ќе ми викате и следниот пат кога нешто ќе направам „погрешно“.

4. Не викајте му на мојот тренер
Кога дофрлувате кого да стави на позиција, тоа само ќе ги влоши работите и нема да ни биде забавно.

5. Не навредувајте ги моите соиграчи
Не давајте понижувачки забелешки на сметка на кој било од нив што ќе погреши. Тоа му штети на нашиот тимски дух.

6. Не понижувајте (не навредувајте, не критикувајте) го противничкиот тим
Кога го правите тоа, не ни давате пример за спортско однесување, така што добиваме спротивни пораки за тоа што значи да се биде „добар спортист“.

7. Бидете присебни
Сакам кога ќе видам дека играта ве возбудува, но нема причина премногу да се вознемирите и да ги изгубите нервите. Тоа е наш натпревар и целото внимание треба да биде насочено на нас.

8. По натпреварот, не држете ми предавања во врска со моите грешки
Возењето дома по натпреварот не е добро време да ми зборувате за грешките зашто веќе се чувствувам доволно лошо. За тоа може да разговараме подоцна, но ве молам останете мирни и не заборавајте да ги спомените добрите работи што ги направив на натпреварот.

9. Не заборавајте да се смеете и да се забавувате
Понекогаш во текот на натпреварот ми е тешко да се опуштам и да се забавувам откако ќе видам дека вие сте напнати и загрижени.

10. Не заборавајте дека ова е само игра!
Веројатно нема да изградам кариера во спортот. Знам да се вознемирам ако изгубиме, но исто така знам дека подобро се чувствувам откако ќе отидеме на пица, сок или сладолед.
Потребно е понекогаш да ме потсетите дека тоа е само игра!



912

X