Моето поголемо дете нема проблем кога треба да остане на спиење кај својата баба, го обожава тоа. Помалата ќерка е малку поповрзана со мама и тато и потешко се разделува од нас. Така беше и минатата недела кога требаше да ја помине ноќта кај баба, без нас.

– А што ќе правите ти и тато кога ние нема да бидеме таму? – праша таа.
– Не знам, може ќе гледаме некој филм – ѝ одговорив.
Мојот искрен одговор можеби се чини безначаен, но имаше длабоко значење за мојата ќерка. Тоа е затоа што нашите деца знаат дека гледањето филм кај нас дома значи дека мама и тато ќе седнат на каучот, еден до друг, гушнати.
– Да, да! – рече одеднаш полна со ентузијазам. – Сакам да одам кај баба ми на спиење!

Нејзината ненадејна промена ме потсети на тоа колку е навистина важно децата да бидат сигурни дека нивните родители се сакаат. Тоа им дава чувство на сигурност, мир, истиот оној што го имавме и ние кога бевме мали деца во моментите кога на долгите патувања се возевме во задните седишта и мирно заспивавме, знаејќи дека сме безбедни, сакани, дека сме таму каде што треба да бидеме. Децата сакаат да гледаат како нивните родители си разменуваат нежности. Освен чувството на сигурност, кое е многу важно во детството, исто така на децата им се обезбедува одличен модел за создавање емотивни врски и отворено покажување на емоциите подоцна во животот.

Ако сакаме нашите деца да развијат здрави односи подоцна во животот, мораме да се потсетуваме дека сè што ќе научат за односите – ќе го научат од нас. Ова можеби звучи застрашувачко затоа што на родителите им се создава огромен притисок, но тоа можеби и не е лошо. Ќе ве натера внимателно да го негувате својот однос со вашиот партнер бидејќи имате на ум дека вашето дете учи од вас.

Покажувањето нежности и љубов кон вашиот партнер пред вашите деца ги учи на тоа што е безусловна љубов. Животот во семејството не е совршен. Децата треба да видат дека дури и кога постојат несогласувања, аргументи, кавги, тоа не значи дека мама и тато престанаа да се сакаат, или дека за да има љубов во семејството, потребно е да се исполнат некои услови. Така децата, дури и кога треба да ги дисциплинирате, сигурно ќе знаат дека тоа што сте ги казниле не значи дека не ги сакате.
Децата што се често сведоци на родителската љубов ќе научат сè што треба за љубовта, бракот и заемната грижа. И нема потреба да кажете ниту еден збор за тоа.

 



912

X