Воспитување

„Не верувајте во слатките реклами во кои весели родители печат колачи со децата“

Постои популарен мит кој гарантирано ќе направи речиси секој родител да се чувствува виновен, а тоа е она што се прикажува во разните реклами, на пример, за храна. Родителите од ваквите реклами поминуваат часови смеејќи се и среќно играјќи си со своите деца. Печат колачи, мачкаат брашно на врвовите на носот на децата и скокаат низ кујната додека чекаат да се испечат колачите, а потоа вкусните колачи ги покриваат со убава глазура во розова и бела боја.

Тоа е добро – освен што тоа не сте вие. Всушност, никој не прави такво нешто. Тоа е мит. Такво нешто се случува само повремено, во најдобар случај можеби еднаш или двапати годишно – и им се случува на оние родители што имаат малку слободно време. Ако сте самохран родител со полно работно време, би рекол дека ви оди добро ако успеете да направите нешто такво барем еднаш во текот на целото детство на вашите деца. Можеби повремено ќе можете да ја достигнете таа нирвана и тоа ќе трае пет минути, додека децата не се скараат кој да ја излиже лажицата. Но, нема да трае во текот на целото време што е потребно за подготовка, печење и премачкување на колачите.

Ако воопшто се случи такво нешто, има услови што мора да ги исполните. Ако не можете да го направите тоа, не очекувајте премногу. Очекувајте стрес и расправии и само надевајте се дека ќе можете да ги сведете на минимум. Еве кои услови треба да се исполнат за да имате шанса да доживеете попладне во родителската земја од соништата:

– Мора да имате многу повеќе време отколку што можете да замислите дека ви е потребно.
– Не треба да се грижите дали колачите ќе се јадат или како ќе изгледаат.
– Воопшто не треба да се грижите за правењето колачиња.
– Мора целосно да се помирите со фактот дека сето тоа ќе го исчистите и измиете подоцна, најверојатно сами.
– За повеќето активности, вклучувајќи го и готвењето, може да имате само едно дете со вас истовремено.

Овие услови не е возможно да се исполнуваат многу често и затоа повеќето вакви активности завршуваат со разочарување. Една моја добра пријателка неодамна ми кажа колку била фрустрирана од попладнето што го поминала со своите близнаци обидувајќи се да ги измие користените лего-коцки. Таа ми објасни дека нејзиниот проблем е што сакала активноста да заврши со чисти лего-коцки, но нејзините двегодишници не мислеле така. Заклучила дека требало да им даде неколку коцки да ги „измијат“, а потоа другите сама да ги измие во мир. И таму ја достигнала крајната линија: нејзините очекувања и оние на нејзините деца биле сосема различни. Она што таа го сакала од активноста било сосема поинакво од она што го сакале децата. И таму е клучот за сѐ. Како првокласен родител, таа ја направила вистинската работа и попуштила на нивните желби – а подоцна самата правилно ги измила лего-коцките.

Времето што го поминувате со вашите деца и вниманието што им го посветувате не се иста работа, но тие се меѓусебно поврзани. Понекогаш е тешко да се подели времето помеѓу оној период што треба да им го посветите на децата и времето што ви треба за сè друго. Никој не го прави тоа секогаш како што треба. Направете цел да им дадете на вашите деца вистинско време, а не „квалитетно“ време, и посветете им целосно внимание кога можете, дури и ако тоа значи дека ќе има периоди на невнимание (освен ако не е итно), додека не завршите сè друго. И размислете што сакаат децата од заедничките активности за кои имате време – не обидувајте се да постигнете нешто што нема да се случи и не е важно за децата.

Извадок од книгата „10 најважни работи што може да ги направите за своите деца“ – Рони Џеј

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top