Речиси шест милиони деца во светот се родени со вештачко оплодување (ин витро)
Со оптимално лекување и правовремено третирање на проблемот, и до 80% од лицата што поради неплодност не би можеле да добијат дете, денес можат да станат родители.
Ги бележиме седумте најголеми митови за неплодноста што мора да ги знаат сите двојки што не можат по природен пат да добијат дете.
Мит бр.1: Сите други забременуваат без никаков проблем!
Факт: Денес просечно секоја шеста двојка е неплодна.
Мит бр.2: Можеби вие двајцата правите нешто погрешно.
Факт: Неплодноста не е сексуално нарушување.
Мит бр.3: Неплодноста ги погодува само двојките што никогаш немале деца.
Факт: Тоа воопшто не е вистина. Секундарната неплодност е почеста од примарната.
Мит бр.4: Ако посвоите бебе, ќе забремените.
Факт: Повеќето неплодни двојки добиле ваков совет од роднини и пријатели со приказна за некоја друга неплодна двојка која откако посвоила дете, успеала да оствари природна бременост. Но, истражувањата покажуваат дека стапката на забременување по посвојувањето дете е еднаква кај двојките што посвоиле со оние што не посвоиле дете (околу 5%).
Станува збор за тоа дека почесто слушаме приказни за оние двојки што оствариле природна бременост по посвојувањето дете за разлика од оние што не успеале во тоа.
Мит бр.5: Сопругот/сопругата ќе ме остави ако не добиеме дете.
Факт: Повторно го потенцираме фактот дека неплодноста не е проблем само кај жената во врската или бракот. Квалитетните партнерски односи и стабилноста на врската/бракот повеќе зависат од тоа колку секој поединечно вложува во меѓусебните добри односи, односно од тоа дали се усогласени вашите желби, потреби и очекувања, а помалку од фактот дали имате или немате деца.
Мит бр.6: Можеби Бог сака да ви каже дека не сте создадени да бидете родител.
Факт: Вакви изјави од неплодни двојки што се верници обесхрабруваат и болат бидејќи на тој начин се претпоставува дека со некои свои постапки тие го заслужиле тоа.
Светската здравствена организација во 1997 година ја прогласи неплодноста за болест. Тоа не е Божја волја, за што сведочат многубројни примери од животот. Исто како и кога имате скршена нога или камен во бубрегот, и за неплодноста треба да се јавите на лекар бидејќи денес постојат многу методи за лекување на неплодноста.
Мит бр.7: Проблемот е во твојата глава – ако се опуштиш и не мислиш на тоа, ќе забремениш.
Факт: Има вистина во тоа дека преголемиот стрес може да ја наруши хормонската рамнотежа во телото, а со тоа и менструалниот циклус, но ова тврдење целиот проблем го става на товар на жената. Факт е дека во третина случаи се работи за машки фактор на неплодност.
Во околу 17% од случаите се работи за заеднички фактор за неплодност, што значи дека некои од тешкотиите се присутни кај двата партнера, а во околу 19% од случаите се работи за таканаречена идиопатска неплодност, при која кај двата партнери не може да се најде причина за неплодност. Факт е и дека самата неплодност предизвикува стрес и вознемиреност.
Решавањето на проблемот со неплодноста може да биде физичко, емоционално, а често и финансиски многу напорно и можеби нема да имате доволно време и сила за други животни и работни обврски, поради што може да се чувствувате напнато и вознемирено.
Затоа е многу важно навреме да се побара стручна помош од брачен терапевт или лице кое може да ви даде поддршка. Заедничкото соочување со проблемот на неплодноста може да стане уште една можност за зајакнување на партнерските односи бидејќи со заеднички сили се обидувате да ја постигнете заедничката цел – да добиете дете.