Моментот кога вашето бебе ќе си ги открие рацете, дефинитивно е голема пресвртница. Тоа е почеток кога бебето станува понезависно, бидејќи со рачињата почнува да посегнува по многу нешта, како играчки, шише или вашите гради. Откако ќе сфати дека има раце, ќе забележите дека бебето постојано ги става в уста.

Повеќето бебиња не сфаќаат дека имаат раце. Кога ќе наполнат околу три месеци, ќе сфатат дека рацете се дел од нив. Штом го осознаат тоа, тие им стануваат опсесија, вели педијатарот д-р Манаса Мантравади.

– Додека вашето бебе да наполни три месеци, постои голема трансформација од новороденче со вродени невролошки рефлекси во активно новороденче кое има повеќе доброволна контрола над своето тело и кое повеќе одговара на надворешни стимули – вели д-р Мантравади.

– Бебињата обично поминуваат часови анализирајќи ги и следејќи ги движењата на рацете; всушност, носењето на рацете до устата е нормална моторна развојна пресвртница.

Но, постојат и други причини зошто се случува контактот рака-уста.

Гладно е

Вашето бебе може да ги става рацете в уста ако му се приближува времето за јадење. Од центрите за контрола и превенција на болести велат дека вашето бебе ќе покаже знаци на глад ставајќи ги рацете во устатата. Ако поминало некое време од последното јадење, веројатно бебето бара храна.

Му растат заби

Ако забележите дека на бебето постојано му се рацете в уста, тоа може да биде знак дека му расте запче.

– Во одреден момент, нивните заби почнуваат да излегуваат и бебињата сфаќаат дека нивните раце може да им помогнат во овој процес – вели Сахира Лонг, медицинска директорка на Здравствениот центар за деца во Вашингтон.

– Рацете се единствената алатка за олеснување на процесот на растење на забите што повеќето бебиња можат да ја стават во устата без да се потпрат на некој друг и без да се грижат дека можат да ја испуштат – додава таа.

Тоа веќе го правело во стомакот

Постојат многу случаи кога на ултразвукот се гледа како бебињата го цицаат палецот. Некои бебиња се подготвуваат за живот надвор од матката со ставање на прстите во устата.

Ги откриле рацете

Едноставна (и можеби најслатка) причина за тоа зошто бебињата ги ставаат рацете в уста е затоа што се таму и се лесно достапни.

– Ставањето на рацете в уста е уште еден чекор во процесот на откривање на сопственото тело, како тоа работи и што можат да направат – вели д-р Челси Џонсон, педијатар.

Истражувачите откриле дека движењето на раката кон устата е клучен моторен примитив на сензомоторниот систем на приматот.

Самосмирувачко е

Вашето бебе може да ги става рацете в уста затоа што тоа му е начин за самосмирување. Најбрзиот и најлесниот начин да смирите мало бебе е да му ја ставите неговата рака в уста. Движењето на раката до устата е честа форма на самосмирување што не завршува кога вашето бебе е мало – продолжува и во зрелоста.

Досадно му е

Лежењето во креветчето не е секогаш најстимулативниот начин да го поминете времето. Кога вашето бебе бара играчка, рацете и прстите се непосредно задоволство.

– Ставањето на рацете в уста е вообичаено однесување што може да се должи на досада. Во повеќето случаи, тоа е сосема нормално – вели д-р Џонсон.

Автор: Џенифер Парис

Извор



912

X