Секој родител сака неговото дете да порасне во одлучна и независна личност полна со самодоверба која лесно носи одлуки и знае да се избори за себе, но резултатот не е секогаш таков. Кога детето ќе стане пречувствително, ранливо, неодлучно и несигурно, мајките и татковците почнуваат да се прашуваат како дошло до тоа, а причината лежи во навидум безопасни реченици што ги изговарале во одредени ситуации. Затоа при разговор со децата, без оглед дали ги критикувате или ги советувате, треба да ги избегнувате речениците што може да бидат погубни за нивната самодоверба и самопочит.

Ако не бидеш добар, нема да те сакам

Детето, кога ќе чуе вакво нешто, можеби ќе се обиде да постапува правилно, но своите желби и очекувања ќе ги стави во втор план, ќе се труди да го исполнува она што другите го очекуваат од него, тоа што другите сметаат дека е правилно, без оглед како се чувствува. За жал, кога тоа дете ќе созрее и ќе стане самостојна личност, секогаш ќе настојува да ги исполнува туѓите очекувања и желби. Ќе живее во уверување дека не е доволно добро и поради тоа другите ќе го отфрлаат или нема да го сакаат.

Не срами ме

Децата често сакаат само внимание, а не знаат како на вистински начин да го изразат тоа. Ако им се кажува оваа реченица, ќе почнат да развиваат комплекси и ќе мислат дека се срам не само за родителите, туку и за другите луѓе. Тоа кај нив ќе предизвика чувство на пониска вредност, недостиг на самодоверба и затворање во себе.

Јас бев одличен кога бев на твои години

Можеби мислите дека на овој начин ќе ги поттикнете да бидат подобри, но кај детето ова ќе предизвика потреба постојано да се докажува за да ви покаже дека е достојно за вашата љубов. Така нема да знае да ужива во малите успеси и напредокот и секогаш ќе мисли дека не е доволно добро. Секое дете ги доживува своите родители како личности кои знаат сѐ, кои му се поддршка и преку нив треба да го формира односот кон светот и кон себе, па затоа не споредувајте го ни со себеси ни со другите.

Како твојата другарка доби 5, а ти 3?

Како што не треба да ги споредувате децата со вас кога сте биле мали, така не е добро да го правите тоа и со нивните врсници. Меѓутоа, родителите често користат вакви реченици за да го поттикнат детето на здрава конкуренција, да го охрабрат да се покрене и напредува, но ова ќе има сосема спротивен ефект. Споредувањето со другите ќе продолжи и кога детето ќе порасне и ќе стане зрела личност, но тоа секогаш ќе биде на негова штета. Секогаш ќе мисли дека другите се подобри, поуспешни, поубави…

Не сакам да те видам повеќе

Во гнев родителите знаат да изговорат и вакви тешки зборови. Оваа реченица е многу сериозна за детските уши бидејќи секое дете ќе ја сфати буквално. Ќе го следи чувство на вина и убедување дека им е пречка на родителите да живеат онака како што сакаат. Ќе се почувствува несакано, а тоа вие секако не го посакувате

 



912

X