Бојана Стојменовиќ, психолог, семеен и системски советник

Бојана Стојменовиќ, психолог, семеен и системски советник

„Мој психолог“
Тел. 075 964 015

Повеќе од авторот

Молкот и одбегнувањето да се зборува на оваа тема уште повеќе ќе го збунат детето, особено кога ќе стане поголемо и посвесно за своето тело и за промените што му се случуваат

Децата се по природа љубопитни. Како што растат и се развиваат, така и нивните прашања стануваат поразновидни и покомплексни. Родителите генерално со задоволство се обидуваат да им ги дадат одговорите, да ги задоволат нивната љубопитност и жед за знаење. Сепак, постојат група прашања што им предизвикуваат главоболка на родителите. Некои, пак, првпат тогаш се повикуваат на сопственото незнаење или, пак, детето го пренасочуваат кон другиот родител во однос на давање на одговорот.
Секако, тоа се прашањата поврзани со сексот. Во некои земји од светот разговорот на оваа тема не е ниту малку страшен, срамен или забранет. Децата сакаат да знаат од каде потекнуваат, како дошле на овој свет, од што се (и како се) направени…
Родителите се повикуваат на разни приказни во обидот да најдат одговор на овие детски прашања и воедно на најбезбеден начин (за себе) да го одбегнат конкретниот одговор на прашањето. На нашево поднебје често е присутна приказната дека децата ги донел штркот или, пак, дека потекнуваат од небото. Во земји како што се Данска, Норвешка и Шведска децата уште од мали нозе учат за своето тело и за тоа како и од кого дошле на овој свет. Во оваа едукација учествуваат и родителите и наставниците, а како помагала се користат однапред подготвени брошури, сликовници и книги за таа намена и тематика.

Едно истражување покажува дека децата со кои е отворено зборувано за сексот подоцна стапуваат во сексуални односи и во тој процес се чувствувале посигурни и поодлучни. Секако, кога ќе прочитаме една ваква информација која е добиена статистички преку лонгитудинално истражување, се поставува прашањето – зошто тогаш постои стигма да се зборува за сексот со децата? Во сенката на стигмата се кријат неподготвеноста и стравот на родителите да зборуваат на оваа тема. Прашањата што се јавуваат кај нив се: А што ако премногу кажам?, Што ако детето ми стане промискуитетно? А што ако не ме разбере?, Што ќе мислат другите родители ако дознаат дека зборувам со моето дете за сексот? Со кои помагала и брошури да се подготвам? Дали информациите и упатствата на интернет се валидни?…

Молкот и одбегнувањето да се зборува на оваа тема уште повеќе ќе го збунат детето, особено кога ќе стане поголемо и посвесно за своето тело и за промените што му се случуваат, а најчесто тоа е предадолесцентниот и адолесцентниот период.
Особено е важно родителите да бидат подготвени за овие прашања. Родителскиот договор мора да биде присутен, па доколку е возможно, и двајцата да бидат извор на информации од кои ќе истражува детето (а не само едниот). Понатаму, потребна е и нивна информираност, а тука постојат повеќе начини, како што се: читање литература за таа намена, брошури и прирачници, консултација со стручни лица, споделување со родителите на врсниците на детето и сл.

Како да зборувате со детето за сексот?

1. Особено е важно да се приспособите на возраста на детето. Премногу информации за него ќе бидат застрашувачки и збунувачки. Почнете постепено преку разговор за сопственото тело (на детето), а на овој начин ќе ја поттикнете и свесноста за себе. Употребете сликовници и брошури за таа намена.
2. Не почнувајте го вие разговорот, оставете го детето да ве праша. На овој начин ќе ги следите и динамиката и подготвеноста на сопственото дете. Доколку забележите дека се интересира, но се срами (или плаши) и не знае како да го постави прашањето, можете вие да го поттикнете. За таа цел, можете повторно да употребите сликовница или, пак, тоа да го направите преку приказна.
3. Не создавајте мистичност околу темата секс. Детето најверојатно ќе има потреба повеќе и почесто да го прави тој разговор со вас. Немојте да мислите дека со еден разговор за сексот детето научило сè што треба да знае. Секако, не искривувајте ги зборовите кога зборувате за сексот затоа што тие се срамни, во овој случај најдобро е да користите метафори.
4. Објаснете ги промените што се (ќе се) случуваат на нивното тело. Адолесценцијата е тежок период и за родителите и за адолесцентите. Метафорички тоа е мал земјотрес за семејството, а емоционална и хормонална бура за адолесцентот. Наместо да ги поттикнувате конфликтите, покажете дека сте трпеливи и дека го разбирате детето, а потоа објаснете кои промени ќе се случуваат и за што да биде подготвено (на пр.,првата менструација).
5. Останете отворени. Комуникацијата за оваа тема нека остане без пречки и осуди. Детето нека почувствува дека може отворено да праша и да разговара и со двајцата родители за сексот. На тој начин детето нема да лута во непознатото и мистичното, туку директно ќе ве праша вас.

Многу е важно љубопитноста за сексот кај детето да се задоволи на адеквантен начин и да не биде препуштено тоа на неговото сопствено фантазирање, затоа што тоа е особено важно за целокупниот раст и развој на личноста. На овој начин основата на сексуалниот живот на детето и понатамошното функционирање ја поставувате токму вие, и не го препуштате сексуалното образование во целост на другите или, пак, на дезинформациите добиени од врсниците.



912

X