Ме прогонува веќе 10 дена, на „Инстаграм“, реклама која нуди „спа принцеза пакет“ за девојчиња од 6 до 12 години. Велат нешто од типот дека секое девојче сонува да биде принцеза и да оди на маникир, педикир и да се мачка со кремови и шминки. Имаат и пакет за „Херои“, но тој не е за девојчиња, туку за момчиња, нормално.

Бидејќи ме таргетирале апсолутно погрешно, немам што да помислам освен дека судбината сакала јас, како девојче од 6 до 12 години и како некој кој дефинитивно нема девојче од 6 до 12 години, да објавам дека НЕ сонува секое девојче да биде принцеза.

Една од најдобрите работи што ја направиле родителите за мене е тоа што не ме ставиле во калап.

„Сакаш машки новогодишен пакет наместо женски? Може. Сакаш шорцови наместо здолништа? Може. Сакаш да бидеш детектив кога ќе пораснеш? Може. Сакаш секое лето да го поминеш со гребаници од потрагите по авантури? Може. Сакаш да тераш по свое, иако е неизвесно? Може.“

Мајките и татковците не знаат многу работи, но кога знаат да те пуштат на мир да бидеш она што си, тоа е  најдоброто нешто. Не сонува секое девојче да биде принцеза. Девојчињата сонуваат да бидат детективи, кормилари на брод, да живеат на остров. Девојчињата сонуваат да бидат хирурзи, да водат експедиција, да јаваат диви коњи.
Девојчињата сонуваат да бидат астронаути, владетели на кујните во рестораните, да основаат циркус. Девојчињата сонуваат да бидат принцези, а притоа врховната цел на принцезите не се бањите, маските и маникирите.

Девојчињата сонуваат да бидат она што сакаат.

Девојчињата сонуваат шарени и огромни соништа како и момчињата. И тој херој што не му дозволувате да пријде на „Принцеза“ пакетот, тој „Херој“ многу е можно да постои во секој од нив. Оставете му барем отворена врата, да може да диши и да се пробие до светот и животот. Само не заклучувајте го во подруми на бесконечни маникири, педикири и шминкање. Бидејќи ако тој херој во подрумот полуди, ќе полуди жестоко, а зошто ви треба тоа?

Не сонува секое девојче да биде принцеза.

Автор: Сташа Вукадиновиќ

Извор



912

X