Родителите може да се налутат или да се збунат кога нивното дете ги игнорира. Но, психолозите нагласуваат дека нашите малечки знаат да нѐ игнорираат поради неколку причини, а во повеќето случаи тоа нема врска со непослушноста. Најчесто се случува кога детето се чувствува исклучено од нас, кога го прекинуваме во нешто што во моментот му е многу интересно или едноставно е збунето од нашите упатства и не разбира што точно бараме од него.

Без оглед на причината за нивната реакција, психологот Лора Андерсон Кирби објаснува дека игнорирањето во повеќето случаи не значи дека детето намерно не ги почитува родителите. Таа споменува и неколку работи кои родителите никогаш не треба да ги прават доколку забележат дека нивното дете ги игнорира.

Една од најчестите грешки што ги прават родителите се однесува на присилување – односно кога родителите го принудуваат детето да направи нешто, додека притоа ги игнорира. Како што објаснува психологот, во повеќето случаи детето има разбирлива причина зошто не сака да соработува, а присилувањето на родителите само ќе го направи проблемот уште поголем. Наместо тоа, неопходно е да се покаже сочувство и разбирање.

„Бидете мирни и почекајте ако видите дека детето не ви одговара. Ако мислите дека не ве разбрало добро, повторете го вашето барање и замолете го детето да ги повтори вашите упатства. Имено, во случај да може да ви повтори што треба да направи, ќе знаете дека вашите очекувања му се јасни“, објаснува Андерсон Кирби.

Исто така, психологот нагласува дека во никој случај не смеете да викате или да користите друг вид казна. „На тој начин можете само да предизвикате уште поголем отпор кај вашето дете, а тоа секако не е она што би сакале да се случи“, додала таа.

Извор



912

X