Најголем дел од анкетираните ги врзуваат проблемите и со прекубројноста на групите и недоволно вработен кадар, услови во кои не може соодветно да се работи со децата. Родители пишуваат дека децата имаат малку активности, се носат и примаат болни деца кои може да ги заразат другите, дека нема активности на отворено…

Големиот број деца во група, хигиената и односот на кадарот кон децата се трите најбитни работи што мора да се променат во државните градинки, покажа анкетата што ја правеше Деца.мк. Една третина од родителите сметаат дека треба да се подобри и храната, а една четвртина да се подобри примената на наставната програма.

Прашалникот за анкетата на Деца.мк го одговориле околу 500 родители, најголем дел од поголемите градови во земјава.

Трпение и љубов, но и премногу високи тонови, лош речник

Искуството со градинките поопширно го споделиле околу 300 родители.
Еден дел од родителите споделуваат за позитивно искуство.
Најголем дел од анкетираните ги врзуваат проблемите и со прекубројноста на групите и недоволно вработен кадар, услови во кои не може соодветно да се работи со децата. Родители пишуваат дека децата имаат малку активности, се носат и примаат болни деца кои може да ги заразат другите, дека треба да се постават камери. Некои родители се жалат дека им се прави притисок од градинката да ги земаат децата порано, а други велат дека имаат потреба да работи втора смена, или да има можност детето подоцна да го земат зашто работат до подоцна.

– Моето дете е среќно во градинка и сака да оди. Наставниците се погрижиле за тоа децата да се сакаат меѓу себе, убаво да си играат, да се почитуваат. Тие не се виновни што во групата има 32 деца. Верувам и дека поради тоа, не може да имаат индивидуален пристап со секое. Но се гледа дека се трудат. Сепак, мислам дека треба да се работи на обука на кадарот, особено околу креативниот дел од активностите, да научат како да ги мотивираат да учат низ игра. Но со оглед на околностите, јас сум задоволна од градинката. Не сум задоволна што на повисоко ниво не се прави доволно за да се сменат условите на подобро – пишува родител.

– Односот на вработените е многу важен за привикнувањето на децата во градинка. Доколку се потрудат повеќе и вложат повеќе љубов, тие дечиња полесно ќе ја прифатат градинката. Секако, ова би било полесно и за воспитувачките доколку бројот на деца е помал – пишува друг родител.

Анкетиран споделува дека исто така го смета за сериозен проблем тоа што има премногу деца во една група, а занималните се претесни.
– Јас сум одела во истата градинка како дете, ама тогаш бевме 20 деца во големата група. Сега во малите групи се по 40 на список, од кои редовно доаѓаат повеќе од 30 – пишува.

Родител пишува дека неговото искуство покажува оти децата се единствено згрижени во градинките.
– Второ дете ми оди во градинка. Досегашните искуства укажуваат на фактот дека децата единствено се згрижени во градинките. Едукацијата е никаква, што можеби е резултат на преголем број деца во групите. Ништо не е променето веќе 30 години. Хигиената е на мизерно ниво, а нижиот кадар не сноси никаква одговорност. Џабе се залагања на поединци воспитувачи кога не се почитува хиерархиската пирамида – стои во одговорот.

– Имаме негативно искуство со односот на персоналот кон детето. Има многу викање, строг однос и комуникација на многу висок тон кој ќе придонесе за негативен емоционален развој на детето. Персоналот нема трпение, не е соработлив и не е подготвен да се жртвува за детето да се вклопи со групата – пишува родител.

Наставник пишува дека има градинки во кои не се применуваат наставните планови.
– Еве еден пример. Во мојата паралелка (прво одделение) од 14 ученици 7 не ги препознаваат броевите до 10, имаат слабо развиена моторика (на пример, не умеат да користат ножички), не знаеја што е колаж-хартија или самолеплива и како се користи. Тоа се пропусти што ги немало кај претходните генерации – пишува таа.

Некои родители велат дека децата се жртви на психичко, а понекогаш и физичко насилство. Велат дека мора да има психолози и да се зајакне нивната улога, а да работат и со вработените и со децата.

Фото: Колектиф Прес

Други, пак, реагираат дека им е слаба соработката со вработените кога станува збор за алергии или нетолеранција на храна.
– Постои реален проблем кој верувам дека на ниво на Македонија е многу чест. За децата алергични или нетолерантни на намирници што се употребуваат во храната нема опција да добијат посебна храна. И, секако, проблем е преоптовареноста на воспитувачките/негувателките. Не е можно во група од 36 деца да има само 1 воспитувачка и 1 негувателка и тие ефикасно да се грижат за сите деца – пишува родител.

Залудни се дворовите кога не се користат

Околу 300 родители дале свои предлози и какви новини да се воведат. Најголем дел од нив ја истакнуваат потребата децата да имаат активности надвор, на отворено.

– Повеќе престој надвор. Џабе им се дворовите кога не ги користат. Потребна е и едукација на воспитувачите и негувателите. Користат секакви зборови, кои децата ги впиваат – пишува анкетиран.

Фото: Колектиф Прес

– Да се воведат активности, на пример, посета на детски театар, да доаѓа наставник по музика и децата да пеат, да се користи клавирот што го има во градинката – вели друг.

Родител предлага да не се тераат децата да спијат попладне доколку немаат потреба од одмор.

– Сметам дека треба да се направи промена на наставната програма од аспект на родова сензитивност, односно бришење на содржините што придонесуваат кон развивање родови стереотипи и родови улоги – вели родител.

– Кифлите и слатките ужини да се заменат со овошје. Во однос на наставниот кадар, дел од нив сè уште користат застарени воспитни методи, со заплашување, закани и сл. Да се поттикне поголема самостојност на детето. Во однос на едукативните материјали, да се направат обиди за донации, ако веќе не може да се купат. Сигурно може да се унапреди и хигиената – потенцира анкетиран.

Работното време на градинката не соодветствува на работното време на родителите.

– Иако во договорот пишува дека работно време на градинката е до 18 часот, воспитувачката ми кажа дека морам да си го земам детето до 17 часот, потоа се чистела градинката. На прашањето како да стигнам кога моето работно време е до 17 часот, и зошто нема дежурен што ќе ги чува децата додека стигнат сите родители, воспитувачката ми одговори: – Плати си жена да ти го зема детето! Па, ако имав пари да платам жена за чување на детето, зарем ќе го носев во градинка – се пожали еден родител.



912

X