Присли Скот (16) ја вршела улогата на родител на нејзините помлади браќа и сестри кога нивниот татко Кејси пиел. Присли се сеќава дека како ученичка во основно образование, ги собирала празните лименки од пиво и ги криела во кантата за отпадоци, како што правела и нејзината мајка пред разводот.

Кога Кејси се онесвестувал од алкохол, таа се исцрпувала. „Бев постојано анксиозна бидејќи не сакав мојот брат и сестра да го видат тој дел од него. Се чувствував како да морам јас да бидам возрасното лице кога сме со него, како да беше моја задача да ги заштитам“ – изјавила Присли.

Тоа е искуство што Присли го опишала во детали во есеј за нејзиниот час по англиски јазик, а станало вирално на „Фејсбук“. Во еден параграф кој го крши срцето, тинејџерката, која живее во Јута, се сеќавала на моментите кога Кејси го возел семејството на забави, а потоа мајката била таа што ги враќала дома.

„Знаев како алкохолот може да влијае врз некого. Знаев дека мојот татко беше една личност кога се појавуваше на забавите, а сосема друга личност кога заминувавме“.

Кејси, кој е трезен повеќе од 2 години, се расплакал првиот пат кога го прочитал есејот на Присли. „Почнав да плачам. Беше сурово, вистинско. Откако завршив, си помислив – Други луѓе треба да го слушнат ова“. Минатиот месец Кејси ги споделил зборовите на Присли на неговиот неделен поткаст „проект заздравување“.

Емоционалното видео оттогаш било прегледано повеќе од 3 милиони пати на Фејсбук. Кејси бил преплавен од пораки.

„Татковци комуницираа со мене и ми велеа: – Ќе ѝ дадам на трезвеноста уште една шанса. Не сфатив колку тоа ги погодува моите деца. Сакаме луѓето да знаат дека има надеж. Може да биде подобро“.

фото извор: Кејси Скот и децата Присли, Боден и френки (Amber Togisala / Togisala Photography)

Патот до заздравувањето

Кејси, кој почнал да пие алкохол на возраст од 14 години, дошол до дното кога изгубил контрола на неговото возило и се удрил во друго возило со две деца внатре. „Фала му на Бога, никој не почина. Но, мојот живот се промени засекогаш“.

Следниот ден, Кејси се пријавил во установа за рехабилитација. Поминал дополнителни 45 дена во установата.

Присли знаела дека луѓето го озборуваат нејзиниот татко. Во тоа време Кејси бил репортер во дописнички медиум за Ен-би-си во Јута, а неговата сообраќајна несреќа стигнала до насловните страници.

„Не бев засрамена. Ми олесна, искрено. Како голема тежина да беше крената од моите рамена кога тој замина на рехабилитација. Сè што сакав е да престане да пие, а тој не можеше самиот да го стори тоа. Знаев дека ќе дојде до дното пред да се откаже“.

Односот на таткото со ќерките Присли и Френки (13) и синот Боден (10) никогаш не бил подобар. „Кога пиев, не бев присутен. Само размислував како да дојдам до следното пиво. Сега сум присутен. Имаме одлични, искрени разговори“, рекол Кејси.

Присли е повеќе од горда на успехот што го постигнал татко ѝ. „Порано се плашев да поминувам време со него, а сега сум возбудена. Го сметам мојот татко за мој најдобар пријател“, рекла Присли.

Автор: Рејчел Пола Абрамсон

Извор



912

X