Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето синче само што наполни 3 години. Пред 4 месеци татко му почина. За смртта на татко му воопшто немаме разговарано. Детето само си донесе заклучок дека татко му е уште на работа и дека подоцна ќе се врати. Цело време е во исчекување и секоја ситница го потсетува на татко му, на пример, ќе здогледа нешто што го имал татко му, и ќе рече: „Ова е на тато“, или пак ќе се присети на некој заеднички настан, или пак нема да сака да заспие додека не се врати татко му. Моето прашање е која е најпогодна возраст да се разговара со детето и што е најдобро да му се каже во меѓувреме?

ОДГОВОР: Драга мајка, најнапред да ви се заблагодарам што отворате една толку сензитивна и несекојдневна тема за разговор. Ви честитам на вашата стабилност и желба заедно со вашето дете да го поминете овој период. Кога станува збор за загубите, не постои најпогодна возраст да се разговара со детето, едноставно со дете се разговара непосредно по самата загуба со цел да се заштити од погрешни или ирационални толкувања за емоционалната празнина или отсуството што го чувствува. Децата на оваа возраст сè уште не го разбираат целосно губењето и смртта ја доживуваат привремено. Она што се случува со вашето дете, секојдневното исчекување и одбивање да заспие чекајќи го тато, зборува за тоа дека сепак му е потребна информација за тоа каде е тато.

Обидете се да му ја соопштите информацијата на начин прифатлив за него. Загубите се составен дел на животот и носат емоционална болка или силно чувство на тага. Не плашете се да му кажете на вашето дете дека и вие сте тажни, дека и вие се чувствувате исто како него. Поддржете го со зборовите „не си сам“, „заедно сме посилни“, „тука сум за тебе“. Ви препорачувам и една сликовница за деца која ќе ви послужи како мост за отпочнување разговор со детето. Книгата се вика „Празнина“ на издавачката куќа „Сказнувалка“. Во прилогот со книгата има и вежби кои ќе ви помогнат да му овозможите на детето да ги изрази своите чувства на празнина и своите доживувања.

Тагата е пријател на губењето, а губењето е составен дел од животот. Покажете му на детето дека таа пријателка има нешто да му каже со тоа што ќе го научите секогаш кога ќе се почувствува тажно, да го нацрта или напише тоа што го чувствува. Тагата ја лекува болката на детето. Со текот на времето детето учи да ја прифаќа новонастанатата динамика, но и учи да му дава поголема вредност на животот.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X