Воспитување

Не принудувајте ги децата да одат на часови за свирење инструмент

Бев родител на дете кое не сакаше да вежба виолина, но јас секако го терав. Бев учител на дете кое не сакаше да оди на музички часови, а сепак неговите родители го бараа тоа од него. Не требаше да се обидувам да го учам син ми да свири на виолина на возраст од 7 години. Беше толку полн со енергија, а нашите карактери не се согласуваа како наставник и ученик. Го оставив да ги прекине часовите по неколку месеци фрустрација и солзи и од мене и од него. По една година, кога изрази интерес за учење гитара, му купивме гитара и го запишав на часови. Свири гитара од 8 години, а по околу една година откри дека може да свири на пијано по слух.

Мојата ќерка почна да свири пијано на 7 години и се фрустрираше по неколку перформанси во кои ѝ се парализираа нервите. Ѝ дозволив да се откаже и една година подоцна почнав да ја учам виолина, по нејзино барање. Сѐ уште не сака да настапува соло, но почна да свири со локалната младинска симфонија годинава.

Како учител по виолина, моите чувства не се повредени ако детето самото одлучи дека не сака повеќе да учи да свири. Да се наметнува свирењето, нема да ја зголеми желбата кај децата. Според моето искуство, се случува токму спротивното – децата развиваат отпорност кон инструментот, нивните родители, па дури и музиката генерално. Без разлика дали се во прашање моите деца или други ученици, открив дека најдобриот начин за детето да се поттикне да учи свирење на некој инструмент е да го изложите на музика и инструменти и едноставно да понудите лекции како опција. Ако детето се заинтересира, ќе ја искористи таа опција. Децата треба навистина да сакаат да учат да свират.

Еве неколку совети што може да помогнат во мотивирање на детето во таа насока:

Потенцирајте ја музиката околу вас

Кога гледате филм како семејство, потенцирајте ја музиката во филмот и зборувајте за тоа како би изгледал филмот без музика. Многу луѓе не обрнуваат внимание на филмската музика, но без неа филмските сцени би биле многу монотони. Слушајте различни видови музика во автомобил. Инвестирајте во квалитетни звучници во вашиот дом за децата да имаат можност да слушнат различни елементи од комплексната музика. Едноставно пуштајте и слушајте музика.

Држете ги инструментите околу вас

Најлесни инструменти за учење се пијаното и гитарата. И двата инструменти може да се евтини. Може да прашате некој професор по пијано за совет каде може да купите и какво пијано. Можете да набавите и синтисајзер. А гитари може да најдете насекаде, дури и онлајн, веќе користени и за пониска цена. Има и многу апликации за „штимање“ на жиците, како и за подобрување на вештините, учење на акордите и слично. Децата нека почнат со полесни, едноставни песни и инструкции на интернет.

Обезбедете можности за следење музика во живо

Однесете ги децата на малечки локални концерти, настапи на бендови, локални фестивали и слично. Сепак, совет е да избегнувате класични концерти пред децата да бидат подготвени за таква музика, зашто на такви настани треба да се седи мирно.

Најдете учител чија енергија се согласува со енергијата на вашето дете

Откако детето ќе покаже интерес да научи повеќе, понудете му некој наставник кој ќе му помогне. Ако детето сака само да свири за забава и пред публика, најдете поопуштен наставник кој се согласува со таквиот пристап. Дури и ако не се согласуваат, во ред е да најдете некој друг.

Започнете со мали чекори и спомнете го условот „ако… – можеш…“

Често, отпорноста на детето не е поради мразењето на својот инструмент или мразењето на вежбањето генерално. Едноставно можеби не сака да го жртвува своето слободно време. Па можете да му речете на детето: „Ако завршиш со 10-минутна вежба, можеш да одиш надвор да играш.“ 10 минути на ден е во ред за почетник. Ако детето дава отпор, кажете му: „Нема проблем! Сакаш денес да имаш слободен ден?“ Тоа им дава избор на децата.

Охрабрете ја вревата

Ако детето земе музички инструмент, во вашиот дом секако дека ќе има врева. Некогаш звукот што ќе го создава детето на инструментот ќе направи да посакате да си ги извадите ушите. Но, борете се со потребата да го замолчите. Дури и ако не ви се допаѓа, кажете му на детето дека сакате да го слушате како вежба. Побарајте од него да настапи пред вас. Нека ја отсвири песната повторно бидејќи многу ви се допаднала. Прашајте го дали може да го снимате и дали ќе ве придружува додека готвите вечера. Еден ден, ќе направите такво барање и ќе сфатите дека сте 100 проценти искрени.

Автор: Кристен Мае

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top