Дали родителите во замена за нивното отсуство од домот и квалитетно поминато време со своето дете купуваат играчки надевајќи се дека тоа е адекватен начин за искупување?

Сигурно сите ја знаете приказната за родителите кои во продавница за играчки барале од продавачката да им понуди посебна играчка бидејќи често биле отсутни од дома, а ќеркичката им била многу тажна. „Жал ми е, но ние не продаваме родители“, им рекла продавачката.
Проф. д-р Лена Дамовска од Институтот за педагогија од Филозофскиот факултет од Скопје вели дека родителите не треба да прават колекции на играчки во домот. Многу често купувањето играчки за децата е искупување за нешто, вели таа.

– Најголемата потрошувачка на играчки, според истражувањата, е токму за време на празници, особено за време на новогодишните празници. Дали родителите во замена за нивното отсуство од домот и квалитетно поминато време со своето дете купуваат играчки надевајќи се дека тоа е адекватен начин за искупување, за надополнување на љубовта кон него. И најскапо купената играчка нема да ја надополни празнината од родителското отсуство кај децата – вели Дамовска.

Презаситеност и незадоволство

Голем дел од децата имаат непотребно голем број играчки. Колички, кукли, коцки, кадифени мечиња… Детските соби изгледаат како продавници за играчки. Дали децата треба да имаат толку многу играчки? Големиот број, всушност, доведува и до презаситеност кај децата, а тие, пак, постојано бараат да се купи нешто ново.
– Живееме во потрошувачко општество, кога децата брзо се заситуваат од играчките. Тие, надевајќи се дека повторно ќе го добијат или ќе го купат родителското внимание, не престануваат да бараат нова играчка. Тоа е само замена за нивната љубов, особено ако не ја чувствуваат доволно, замена за времето поминато со нив, замена за вниманието посветено на нив, и на крајот можеби замена за покажаниот интерес за заедничко играње и дружење. Така постепено се создаваат колекции на истородни играчки во домот – вели Дамовска.
Но, ако родителите повторно не се присутни дома, децата повторно се незадоволни и покрај огромниот број играчки.
– Можеби најголемиот број родители воопшто не се свесни дека понекогаш и обично пенкало, клучеви, амбалажи, неколку каменчиња, можат да бидат постимулативни во развојот на децата отколку скапо купената играчка. Играчките се обични предмети. Токму затоа, едукативната вредност на играчките не е во нив, туку во начинот на нивната примена, манипулацијата со нив, интеракцијата со децата, квалитетот на процесот на стекнување нови искуства, нови знаења – објаснува професорката.
При заедничкото играње на родителите со децата се создаваат незаменливи контакти, релации кои остануваат до крајот на животот.
– Постојат родители кои не успеале да воспостават контакт со своите деца. Последиците ги чувствуваат децата, можеби многу години подоцна, кога и самите ќе станат родители, но веќе се емотивно осакатени – вели Дамовска.

Проф. д-р Лена Дамовска

Играчките сами по себе не прават среќно дете

Играчките сами по себе не го прават среќно детето. Кога престанува интересот за одредени играчки, тогаш значи дека децата се заситиле од нив, дека едноставно ги надминале.
– Понекогаш родителите може да тргнат настрана некои играчки, на одредено време, па повторно да му ги понудат на детето. Родителите најдобро ги познаваат сопствените деца, нивните потреби, интереси, можности и афинитети. При изборот на нова играчка тие треба да се упатени од потребите на своите деца – советува Дамовска.

Како да се одбираат?

Кои се критериумите за избор на играчките за децата? Која е нивната едукативна вредност? Развојните карактеристики на децата, нивната психофизичка зрелост е основниот критериум во изборот и купувањето играчки.
– При купувањето на играчките тргнуваме од возрасната соодветност, од претпоставката за тоа што таа навистина му нуди на детето. На кои домени од развојот тие, играчките, се однесуваат, когнитивен, социо-емоционален, физички и здравствен развој? Кои се можностите за игра што ги нуди играчката? Какви видови активности може да се организираат со неа? Притоа не треба да се занемари и возрасниот оптег што го покрива играчката. Ова се прашања што треба да си ги постават родителите кога купуваат нова играчка – објаснува Дамовска.

Играчката треба да го предизвика внатрешниот интерес за учење и развој кај секое дете. Без разлика на возраста, учењето се случува кога децата се ангажирани во процесот на учење преку сопствена акција, креирање, активирање, дизајнирање сопствени објекти или играчки со помош на кои размислуваат низ игра на забавен начин, сосема спонтано и ненаметливо.



912

X