Воспитување

Не прашувајте ги бремените жени дали се возбудени

Кога јас и мојот партнер им соопштивме на блиското семејство и на пријателите дека очекуваме бебе, бевме бомбардирани со специфично прашање: „Дали сте возбудени?“ Со партнерот Малик стратешки планиравме да основаме семејство во изминатите 2 години, па се разбира дека бевме возбудени. Но, изгледа дека моето прикажување на возбудата не е доволно добро. Тоа ме замисли:

Зошто треба да се чувствувам како да треба да покажам одредено ниво на возбуда за другите да го согледаат тоа?

Искрено, и повеќе од благодарна сум што веднаш забременив, бидејќи и покрај тоа што бев здрава, се плашев од спонтан абортус. На 32 години знаев барем 7 други постари од 30 години што се соочиле со спонтан абортус. Дури и општите груби процени се дека една третина од бременостите завршуваат со спонтан абортус. Се разбира дека бевме возбудени, но како емпатична личност и практичен размислувач, морав да го прифатам фактот дека можеби ќе бидам дел од таа една третина.

Неколку причини зошто треба да престанете да ги прашувате бремените жени и нивните партнери дали се возбудени и што да кажете наместо тоа.

Остава малку простор за искреност и ранливост

Прашањето е генеричко. Може да се сфати едноставно како прашање од типот „Како ти е денот?“ Но, реткост е лицето што прашува како ви оди денот да сака да ги знае сите детали – добри или лоши. Очекувањето е да одговорите со генерален одговор од типот „Добро е, благодарам.“ Иако верувам дека повеќето луѓе што ги прашуваат бремените жени дали се возбудени имаат добри намери, тоа е сепак едно од прашањата што оставаат малку простор за искрен или ранлив одговор. Некогаш одговорот може да биде и „не“. Некои од нас не се подготвени да се справуваат со вистините на другите луѓе, особено кога излегуваат надвор од рамката на општествени очекувања или лични гледишта.

Бременоста предизвикува многу емоции

Возбудата е релативна во однос на индивидуалниот карактер и животни околности. Поважно, луѓето ја изразуваат својата возбуда на различни начини. На некои им е попријатно да ја изразат возбудата, а некои ги чуваат тие емоции за себе. Важно е да се запомни дека има многу емоции што жените ги чувствуваат кога се бремени: нервоза, анксиозност, страв, лутина, фрустрација. Не е фер да се ограничат чувствата само на возбуда и не е фер да се проектираат нашите лични очекувања во однос на тоа како мислиме дека треба да изгледа возбудата.

Нападно е

Признале или не, кога прашувате некого дали чувствува возбуда поради бременоста, тоа е нападна постапка. Можеби не сме свесни, на пример, колку време било потребно за зачнувањето, колку спонтани абортуси имало претходно и низа други проблеми. Исто така, секоја бременост не е планирана, а тоа не е ниту ваша работа. Дури и мајка што веќе има деца, има партнер или не, можеби во моментот се обидува да сфати како ќе ја избалансира ситуацијата. Кај самохрани мајки, пак, возбудата веројатно е последната од емоциите што во моментот ги чувствува.

На крајот, мораме да ги почитуваме тие невидливи граници и непознати работи што ѝ се случуваат на трудницата.

Што да кажете?

Наместо да ги прашувате родителите дали се возбудени, размислете за следните опции:

„Како се чувствуваш?/Како ти оди?“

Ова отворено прашање остава простор за родителот да сподели онолку колку што смета дека треба и колку што сака со вас, а не проектира одредена специфична емоција за него.

„Колку возбудливо!“

Оваа реакција ви дава простор вие да изразите колку сте возбудени за родителот што чека дете. Исто така, не бара одговор од нив.

„Има нешто што можам да сторам за вас? Потребно ли ви е нешто за подготовка?“

Ова прашање покажува дека се грижите и дека сте подготвени да помогнете и да бидете присутни. Мајките се благодарни за сета поддршката и љубовта што ја добиваат за време на бременоста.

„Ќе бидеш одличен родител!“

Малку уверување нема да штети, особено кога некој започнува ново поглавје од својот живот. На овој начин му кажувате на идниот родител дека сè ќе биде во ред.

„Честитки!“

Класично, ненападно, едноставно.

Автор: Киша Џенкинс

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top