Родителите отсекогаш биле под одреден притисок за да следат што прават другите родители, но модерните социјални медиуми додадоа сосема нов слој на комплексност. Можеби сте бавни во однос на одвикнувањето на детето од пелени, но еден поглед на „Фејсбук“ и успехот на некој друг родител со своето дете е доволен да направи да се чувствувате како да сте лош родител. Важно е да се фокусираме на она што функционира за нашите деца наместо да обрнуваме внимание на другите, но често тоа е полесно да се каже отколку да се направи.

Притисок од општеството

Професорката Феј Хедли од школата за едукација „Макуери“ верува дека родителите не се справуваат со врснички притисок од другите семејства, туку од општеството во генерална смисла. „Родителите добиваат многу пораки преку различни медиумски објави, вклучувајќи ги тука и социјалните медиуми, советите на експертите, како и владините информации – во однос на тоа што треба да прават за да му обезбедат на своето дете здрав развој – од социјален и академски аспект“, вели професор Хедли.

„Има многу родителски книги кои имаат конфликтни совети во однос на тоа на што треба да се фокусираат родителите, што создава дополнителна збунетост и притисок за семејствата“.

„Кога родителите го чувствуваат овој притисок, би ги охрабрила да прашаат: Дали ова е во корелација со моите верувања и вредности? – ако не сте сигурни, запрашајте се со кого можете да разговарате пред да донесете одлука – на пример, со наставникот од училиштето на детето, лекари и слично… Мислам дека притисокот секогаш бил дел од родителството, но сега е потенциран, со оглед на тоа дека сите сме поврзани како глобални граѓани“.

Зборувајте со семејството за притисоците

Професор Хедли предлага родителите да зборуваат со партнерите или други лица што помагаат да се воспитаат децата за притисоците со кои се соочуваат, па и да одлучат дали тие како семејство сакаат нивните деца да учествуваат . „Ова ќе зависи од возраста на нивното дете, колку слободно време имаат на располагање, дали активностите подразбираат и трошоци и зошто мислат дека е важно за нивните деца да научат. На пример, дали сакате тие да учат основни вештини за пливање бидејќи имате базен или бидејќи живеете во близина на море или река?“, вели професор Хедли. „На децата на возраст од 5 и повеќе години најважното нешто што им треба е да се вклучат во социјална и физичка активност за да се унапреди нивниот развој. Ова може да вклучува дружење со други семејства со мали деца во локалната заедница“

Да се биде во тек

Друг предизвик за денешните родители е да му се овозможи на детето она што го имаат и другите деца. Но, често тоа може да доведе до меѓусебни обвинувања меѓу родителите, вели Хедли.

Тања е мајка на две деца на возраст од 4 и 5 години. Живеат во предградие во Мелбурн, а таа вели дека често ѝ влијаат активностите на нејзините пријатели кога се работи за купување производи за нејзините деца. „Ќе признаам дека единствената причина што ја испратив својата ќерка на  танцување кога имаше 4 години беше бидејќи неколку од мајките на нејзините другарчиња во градинка го правеа тоа, а јас не сакав ќерка ми да биде изоставена. На крајот таа ги сакаше часовите, но јас немаше да го сторам тоа ако не чувствував таков притисок“, вели Тања.

„Кога мојот син имаше 3 години, чувствував притисок да му купам ајпад бидејќи моја пријателка ми рече дека го жали што нема бидејќи, според неа, сите деца имале ајпад. Жалам што му купив бидејќи стана премногу зависен од него и имаше напади на бес кога ќе му го земев. Мислам дека бев слаба и подлегнав на притисокот. Ако имав трето дете, немаше да оставам пријателите да ми го променат начинот на мислење“.

Професор Хедли вели дека е важно да се запомни дека не треба многу за децата да земат учество во организирани активности, како спорт, музика и танцување, па добра идеја е да се одвои време додека се мали за вие да видите во што се тие добри и што е она што го сакаат – а не да обрнувате внимание на она што го прават другите родители. „Дајте им на децата и себеси простор за да се поврзете на начин кој ви одговара вам и на децата и не оптоварувајте се премногу“, вели Хедли. „Играњето, забавата и поминувањето квалитетно време заедно е она што ве охрабрува да се фокусирате на раните години од детството на детето и најважно – да бидете водени од она што вие го вреднувате како семејство“.

Извор



912

X