Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две близначки, на возраст од 3,5 години. Кога едната плаче за нешто или ако гледа на телефонот бебе што плаче, другата секогаш ѝ вели: „Не плачи, ме боли главата кога плачеш“ или „Исклучи тоа, не сакам плачење, ме боли главата“. Исто и ако се скараме некогаш со сопругот, ни вели: „Не викајте, ме боли главата!“ Верувам дека не ја боли главата навистина, но што ѝ се случува тогаш? Другата ѝ да ја боли нешто, на пример, ако се удрила, не може да се исплаче од што сестра ѝ не ѝ дава да плаче. Прашањето ми е зошто така вели? Дали е некоја психичка состојба и како да постапам?

ОДГОВОР: Сум слушнала од многу други мајки дека најтешко е да воспитуваш и раснеш близнаци на почеток, а дека понатаму се вистински лезет. Јас им верувам на искуствата на тие мајки и ги слушам, па сакам и со вас да ги споделам. Вие сè уште сте во оној напорниот период на воспитување на близнаците, но верувам дека како што ќе тече нивниот развој, така и вие ќе бидете посигурни во вашето воспитување.
Близнаците се природното огледало еден на друг, иако многу често се раѓаат со различни сензибилитети. Тие имаат многу голема способност да го рефлектираат она што другиот го преживува, едниот со способност повеќе да го артикулира кон светот отколку другиот. Така што, воопшто не е невообичаено едниот да е подоминантен од другиот и да ви изгледа дека е многу поартикулативен, а другиот да е почувствителен, поприврзан и поинтровертен… Посочувате одредена психосоматизација (ме боли главата) кај едната ќерка, но тоа може да е и одредена изјава што ја присвоила од околината и ја користи кога сака да го скрене вниманието на себе. Не ми е докрај јасно дали едната близначка навистина не ѝ дава на другата да се изрази или тоа е некако ваше доживување поради нивниот различен сензибилитет.
Значи речениците што вашата поартикулативна ќерка ги кажува се реченици кои се снимени и примени од некаде… Кога вака ги споделувате, ми изгледа дека ги кажува некој возрасен, во вашата блиска околина. Тоа го префрла фокусот на вас и со ова ве повикувам кај себе и кај другите да проверите дали постојат некои реченици и изрази, во иста или во слична форма, кои не секогаш свесно ги кажувате или ги кажуваат кога сте најчесто во некоја вознемирена ситуација. Таа изгледа нашла начин да се брани на овој начин или со ова сака да ве информира за нејзината вознемиреност. Вие, исто така, велите дека на едната ѝ е полесно да заплаче, додека не споменувате дали тоа е случајот и со другата, која избира повеќе да се буни отколку и самата да плаче. Очигледно е дека сензибилитетот на близначката што се буни прибегнува кон изразување бунт, поточно изразување лутина, отколку првата близначка која избира да плаче кога нешто не ѝ е пријатно.

Од самото прашање чувствувам дека сте вознемирени поради оваа реакција на бунтовната близначка? Што ве вознемирува? Рековте дека чувствувате дека едната не може да се исплаче поради тоа што е спречена од другата? Каде и како го препознавате тоа и која е вашата улога во регулирањето на емоционалниот сообраќај што се случува помеѓу нив две и помеѓу вас дома. Како другите гледаат на плачењето? Дали некој во семејството гласно протестира против изразувањето на тагата или го потценува, па дури и исмејува плачењето. Ако имате таков пример, верувам дека ќе знаете каде да го лоцирате примерот.

Во самиот ваш краток приказ се чувствува дека едната ја доживувате за помалку способна да се залага за себе, а другата ја означувате како подоминантна и поинвазивна. Како да имате потреба да ја заштитите послабата, а не дозволувате тие самите да најдат начин како да ја регулираат нивната релација, која ја имаат од самото зачнување. Дозволете самите да се пројават во нивните динамики и секоја да порасне во отпорот и спротивставувањето на другата, а вие интервенирајте само тогаш кога навистина е потребно. Доколку продолжите да ги градите вака очекувањата околу однесувањата на едната и другата и да ги подвојувате како различни, тие ќе си се држат до таа слика што вие ја проектирате на нив. Поради тоа, почнете да гледате во другите аспекти на секоја од нив покрај овие што се доста изанализирани од вас. На пр., стимулирајте го и поткрепувајте го пожелното однесување и кај едната и кај другата тогаш кога навистина ќе се појави. Насочете го фокусот и на другите работи што ги прават заедно, а кои не ве вознемируваат. Креирајте баланс со тоа што ќе вклучувате нови и реални перспективи на нивниот однос. Понекогаш е пожелно и двете да ги ставите во ист контекст и во ист тим, да ја почувствуваат комплементарноста на нивните однесувања и како тоа придонесува до некаква победа и успех. Да имаат доживување дека соработуваат, а не дека се спротивставуваат.

Развојно, тие сè уште се мали да знаат како емоционално да се регулираат во однос на средината. Вие им го носите тоа како модел, не обидувајќи се да бидат повозрасни од она што реално се. Оваа детска импулсивност и неконтролирано однесување честопати само ги тестираат границите на системот и се многу значајни за секоја од нив да научи, во една безбедна средина, како емоционално да реагира, да се спротивставува и да се изразува.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X