Игротека

Не отстранувајте ја секоја пречка со која ќе се соочи детето

Дали ја отстранувате секоја пречка со која ќе се соочи вашето дете? Повлечете се и ќе му помогнете да изгради отпорност за цел живот.

Вашата скапоцена принцеза се обидува да ги стави рачињата во нејзиниот капут. Но, капутот не соработува. Таа почнува да плаче и се чини дека надоаѓа бура. Но, тука е супермама да ја спаси ситуација. Го земате капутот и нежно ѝ ја пикате раката. Нејзината веѓа се смирува. Светот е повторно во ред. Но, дали навистина е? Дали му помогнавте на вашето дете и со тоа не сакајќи почнавте да практикувате една родителска метода наречена чистење на пречки.

Овие мајки ги отстрануваат сите пречки од патот на нивните деца за тие никогаш да не доживеат непријатност или фрустрација. Се разбира, тоа е сосема добронамерно и многу често е импулс. Кој сака да го види своето бебе како се мачи и како е несреќно? Но, експертите посочуваат дека ваквото родителство всушност му одзема важни искуства на вашето дете, оние што поттикнуваат витални физички, когнитивни и емоционални вештини.

Како родители, сакаме да ги чуваме нашите деца безбедни и да ги заштитиме. Постои природна тенденција веднаш да интервенираме – вели Абигејл Рајт, едукативен психолог специјализиран за раните години на детето.

И како мајка на тригодишно дете и тримесечно бебе, Абигејл знае како е кога имате многу обврски, и плус притисок. Интервенцијата понекогаш може да ја правите и за да си олесните себеси и за да спречите тантрум кај децата.

Но, ова може да ги влоши работите на долг рок. Помислете на првото сценарио и борбата со капутот. Повлекувањето на родителот и оставањето детето само да се справи може да значи дека за неколку недели тоа ќе научи само да се облекува. Одеднаш тоа ќе биде една работа помалку што треба да ја направите пред да излезете.

Плус, детето ќе научи фини и груби моторни вештини, вештини за решавање проблеми и ќе изгради самодоверба.

Сигурно си помислувате: „Ама таа има само две години. Не може сето тоа да почека? Нема да се чувствува напуштена ако не интервенирам?“ Всушност, токму спротивното.

Антропологот Ана Машин ја посветила својата кариера на проучување на родителската врска во различни земји во светот. Нејзиното истражување посочува дека колку е подлабока, потопла и поодговорна врската, толку детето побрзо се наоѓа во состојба да се оддели и да ја истражува сопствената независност.

Развојниот психолог Еми Вернер е експерт за отпорност. Нејзиното истражување покажува дека отпорноста навистина може да произлезе од силната врска со родителот. Исто така, таа открива дека отпорните деца имаат внатрешна точка на контрола. Со други зборови, тие се гледаат себеси како одговорни за сопствената судбина. Тоа е особина што се учи, нешто што можете да почнете да им го кажувате уште од најраните години. А еден од начините да го направите тоа е да ги охрабрите да се справат со предизвиците што Абигејл ги опишува како „зона на нивниот проксимален развој“.

Тука не станува збор за охрабрување вашите деца да се впуштат во опасни активности, туку давање можност да ја испробаат својата моќ при безбедни предизвици.

– Предизвици што се надвор од нивната моментална способност – вели Абигејл.

И како што вели таа, не грижете се, вие и понатаму имате активна улога во поттикнувањето на оваа независност.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top