Можеби не можете да го контролирате нивното однесување, но можете да го контролирате она што го учат децата – вели педагогот и автор на неколку книги Шерон Силвер и објаснува како ефективно да се постават јасни правила и граници.

Животот на родителите што имаат тврдоглаво дете може да биде голем предизвик: од миење заби, до хранење или спиење, сите тие активности може да изгледаат како водење битка во која обично нема победник. Иако можеби станува збор за моменталната фаза на развој или за карактеристика со која ќе треба да научите да се справувате, добро е да се запамети дека децата што покажуваат силна волја и ги тестираат вашите граници од мали нозе, всушност, имаат светла иднина – тврдоглавите деца имаат поголеми шанси да станат успешни и да постигнат академски резултати, се вели во студијата објавена во списанието на Американската психолошка асоцијација.

Родителите на тврдоглави деца се соочуваат со уникатни предизвици кога станува збор за дисциплината. Едноставните барања или казни наскоро се претвораат во борби за моќ, кои воопшто не им помагаат на децата да го променат своето однесување. Во овие моменти, родителите може да почувствуваат дека нивното дете е „неказнето“, што доведува до фрустрација. Но, кога станува збор за дисциплината, системот што родителите го користат за да му ги пренесат основните вредности на своето дете – казнувањето – не е главната цел.

-Ако имате тврдоглаво дете кое не слуша, кое не ги сака границите или кое се однесува воинствено поради нив, признајте си дека немате контрола врз неговата личност, но имате контрола врз она што детето го учи – вели педагогот, автор на неколку книги за воспитување деца и основач на здружението „Проактивно родителство“, кое има цел да им помага на родителите. Накратко, не можете да промените кое е вашето дете како личност, но можете да направите одредени приспособувања, за децата да имаат можност да научат кои се и да бидат најдобрата верзија од себеси во рамките на границите што ќе ги поставите.

Психолог објаснува како да поставите граници за децата

Како да поставите такви граници? Според педагогот, првото приспособување што треба да го направите е да бидете многу јасни околу тоа дека не се откажувате од авторитетот.

-Одредете граница која не смее да се премине, без оглед на емоциите. Кога вашето дете е бесно или луто, вика или се однесува агресивно, покажете му до каде е границата. Бидете возрасен и преземете ја контролата врз акцијата во ситуацијата. На вашето дете можете да му кажете нешто како: „Гледам дека си навистина лут/а. Колку е голем твојот гнев на скала од 1 до 10? Што можеш да направиш за да се чувствуваш подобро? Дали треба да дишиш длабоко или можеби сакаш да прошеташ? Дали сакаш да зборуваме за тоа?“

Со таков пристап, вие го зајакнувате детето и му дозволувате да се чувствува слушнато. Колку повеќе детето се чувствува слушнато, толку повеќе ќе се труди и да слуша.

Следниот чекор е да се постават јасни правила.

-Како семејство, треба сите заедно да седнете на смирено време (не за време или по конфликт) и да ги поставите правилата – вели педагогот и објаснува дека тоа мора да бидат три едноставни правила кои се еден вид насоки што може да се применат на сè: пријателства, училиште, домаќинство, однесување во јавност. Тие три правила се: сигурност, љубезност и почит.

-Дајте му до знаење на детето дека ако однесувањето не е сигурно, љубезно и полно со почит – тогаш однесувањето не е соодветно.

Предупредување: за овие правила да бидат ефективни алатки за учење, мора и да ги применувате.

-Ние се однесуваме со другите онака како што тие се однесуваат кон нас, а постапувањето со другите онака како што сакате другите да се однесуваат со вас ги спречува непочитувањето и конфликтот – вели педагогот.

„Не однесувајте се агресивно кога детето е агресивно – вие не сте му непријател на вашето дете“

Ако детето ви вели нешто од типот: „Не те слушам“ или „те мразам“, а вие веднаш реагирате нагло и бурно, тоа значи дека веднаш се ставате себеси во борба за моќ.

-Не реагирајте, не викајте. Не дејствувајте агресивно кон нивното агресивно однесување. Тоа создава непријатели во конфликтот, а вие не сте му непријател на вашето дете. Како возрасен човек кој научил сè за безбедноста, добрината и почитта, ваша одговорност е да ги уверите децата и да им кажете дека сте тука за нив, дека ги слушате и дека ништо не го менува фактот дека вие сте нивните родители – вели педагогот и додава дека не можеме да очекуваме децата да се контролираат себеси ако ние родителите, кои сме авторитет, не можеме да се контролираме себеси.

Клучот за успехот во овие моменти е да го третирате детето како индивидуа, личност која го развива својот карактер врз кој вие влијаете, но не контролирате.

-Не се работи за присилување на детето да го јаде својот зеленчук, да ги дели своите играчки или да ја заврши домашната задача. Станува збор за учење на децата дека заслужуваат да бидат најдобрата верзија од себеси и самите да изберат да јадат зеленчук, да споделуваат играчки или да пишуваат домашна задача бидејќи токму тоа им овозможува да бидат најдобрата верзија од себе – објаснува таа и им вели на родителите секогаш да запомнат што е нивната работа: да го воспитуваат, учат и поттикнуваат детето да се развие во добра личност, која е способна да живее добар живот.

Автор: Ема Јуриќ

Извор



912

X