Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 19-месечно детенце за кое се грижиме јас и сопругот, без помош од баби и дедовци. Во последно време почнавме да се соочуваме со проблем од раздвојување. Буквално не можеме да влеземе во тоалет и да ја затвориме вратата, веднаш почнува да вреска. Како што се движам по дома, така таа оди по мене. Дури некогаш кога двајцата седиме со неа, ако едниот излезе од собата, почнува да плаче по него. Како да го решиме проблемов?

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Приврзаноста е длабока и трајна емоционална врска и е темел на емоционалниот развој.
Децата ја развиваат во првите години од животот со личностите што се грижат за нив. Приврзаноста е момент кога детето настојува да направи и да одржи контакт со родителите, особено ако е вознемирено. До третата година децата многу јасно ја покажуваат својата приврзаност, ги бараат родителите кога се исплашени или вознемирени и се смируваат кога се во нивна близина. По третата година децата ги доживуваат своите родители како комплетни лица одвоени од нив. Понатаму односот станува повеќе партнерски отколку што бил дотогаш. До третата година кај децата има примарна приврзаност за лицата што се грижат за нив. По третата година кај децата се развива секундарната приврзаност, каде што тие стекнуваат поддржувачки односи со други лица, како баби, дедовци, тетки, братучеди и други. Порано се мислело дека децата можат да направат само едно примарно поврзување, но денес знаеме дека децата можат да направат дуално поврзување каде што едниот родител се грижи за негата, храната, а другиот родител за возбудливи игри и интерактивни искуства.

Наташа Маџевска

Родителството е важна и одговорна работа и затоа посветете се во првите години од животот на вашето дете, за да му овозможите подлога за здрав и безгрижен живот. Бидете достапни и присутни за вашето дете. Организирајте го времето, така што повеќе време ќе поминувате заедно во рамките на вашите можности. Битно е да бидете емоционално присутни и целосно посветени во времето што го минувате заедно. На оваа возраст емоциите се засилени кај децата и тие не знаат како да се справат со нив. Како што е случајот, страв да остане само или со едниот родител. Одговорете на потребите на вашето дете, разговарајте, на пример: „Ти сакаш сите да сме заедно?“, „Сакаш заедно да излеземе?“ или „Имам потреба да одам во другата соба“ и понудете му да дојде со вас. Дозволете вашето дете да направи избор за своите потреби. Бидете присутни за вашето дете и усогласувајте ги реакциите.

Не кријте ги чувствата, разговарајте што чувствува детето, а што вие и полека вашето дете ќе стекнува знаење дека за нив може и да се разговара. Како што ќе расте, ќе има разбирање дека емоциите може да се именуваат, да се споделуваат со другите и правилно да се изразуваат. Изразувајте му многу љубов и одвојувајте го неговото однесување од вашата љубов кон него. На пример, иако тоа во некои моменти не се однесува „добро“, вие и понатаму многу го сакате. Со покажување на љубовта не го разгалувате вашето дете, туку му помагате да порасне во самоуверена, свесна, среќна и одговорна личност.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X