Иако многумина се скептични, експертите одговорно тврдат – можно е да се постигне баланс на сите животни улоги. Како да се балансира мајчинството и кариерата и кои 7 клучни совети им ги препорачува на секоја вработена мајка, открива психологот Мартина Трбоглав-Подворац.

Ова е вечна тема, а неретко во јавноста се создава впечаток дека ако сакаат жените да бидат на „висина на задачата“ во своите улоги – мора да одбираат. Ако се успешни вработени жени, може да се рече дека сигурно го занемаруваат детето во некој сегмент, но експертите тврдат дека сепак е можно да се постигне баланс помеѓу различните животни улоги.

Ниту жената ниту мажот не може да оствари баланс помеѓу различните животни улоги доколку нема свест што му е важно и што сака да постигне со тоа. За баланс, прво е потребна одлука во кои животни подрачја сакаме да се оствариме, а потоа свесно да се планираат сопственото време и ангажманите во согласност со тоа, од ден на ден. Притоа, секој мора да го најде сопствениот баланс, односно онаа мера што лично му одговара и овозможува да се чувствува задоволно и исполнето. Тука често ги критикуваме другите, па така и жените, бидејќи нивниот живот го гледаме од сопствените гледишта, сметајќи дека постои еден вистински начин како да се организира сопственото време.

Во што ги вложуваме нашата енергија и време, дали е тоа она што нè исполнува и ни овозможува да ги оствариме своите цели

Па некој за жена што избрала да се фокусира на мајчинството ќе рече дека се занемарила себеси и својот живот, додека некој друг за жена која е успешна менаџерка или претприемач ќе рече дека сигурно не е добра мајка, бидејќи не може да има доволно време за сопствените деца. Првата свесно избрала и ѝ се радува на улогата на мајка, додека втората силно е насочена времето поминато со децата да биде максимално квалитетно и исполнето со заедништво, за децата јасно да ја почувствуваат нејзината присутност, внимание и љубов. Најдобар знак дали сме во баланс е сопственото чувство дека живееме живот со цел, остварувајќи го посакуваното влијание врз својата околина, што и да одлучиме дека ќе бидат нашите подрачја на дејствување. Исцрпеноста, недостигот на животна енергија, лутина или чувство на беспомошност се најчести знаци дека е време да си го поставиме прашањето – во што ги вложуваме нашата енергија и време, дали е тоа она што нè исполнува и ни овозможува да ги оствариме своите цели. Одговорите на тие прашања се прв чекор кон враќање до свесното креирање на исполнет живот – смета психологот Мартина Трбоглав-Подворац.

Разни истражувања, како и практиката, покажуваат дека вистинска рамноправност често изостанува, како во семеен така и во професионален контекст. Како општество треба да создадеме услови каде што жените ќе имаат еднакви услови за напредување во работата, па ќе бидат еднакво платени за својот ангажман како и мажите, смета психологот. Исто така, иако се гледа значителен напредок, каде што мажите сè повеќе преземаат одговорности за грижата за семејството и домаќинството, уште доминантно се очекува од жените да бидат тие што ќе се грижат за домот. Истовремено, сè повеќе жени околу нас секојдневно успешно ги балансираат мајчинството и кариерата. Токму нивните примери се покажуваат дека и во нерамноправни околности жените може да се изборат за активно учество и придонес во бизнис-светот, а и понатаму да бидат присутни и ангажирани како мајки.

 

– Со многу разговор, меѓусебно усогласување и договарање, можеме успешно да се носиме со секојдневните предизвици, како во семејството така и на работа. Важно е сите, мажи и жени, да сфатиме дека никој ништо не може сам, бидејќи такво нешто доведува до исцрпување на личноста која доминантно ја презема одговорноста, но и во некој момент доаѓа до нарушување на односите поради насобрани замерки и лоши емоции – вели психологот Трбоглав Подворац, напоменувајќи дека втор чекор е да се отвори комуникација со најблиските и да се почне да се разговара за меѓусебните очекувања и начинот како да се подели одговорноста.

Важно е и секоја жена да се избори за своите потреби, јасно да ги изрази и да бара од другите да ги почитуваат

Доколку некое семејство или тим научил да функционира на одреден начин, потребно е време и свесен напор таквото нешто да се промени, но секако е вредно за вложениот труд. Впрочем, сите ние сакаме да придонесеме и да се чувствуваме корисни и вредни на своите најблиски. Ние жените мораме, малку по малку, да влијаеме врз нашите партнери за да го разберат и прифатат својот дел од одговорноста, па со радување да преземат дел од обврските на кои досега не обрнувале внимание. Тука е важно да им се даде поддршка за да сфатат дека на тој начин имаат можност уште поквалитетно да учествуваат во семејниот живот и да се поврзат со најблиските. Важно е и секоја жена да се избори за своите потреби, јасно да ги изрази и да бара од другите да ги почитуваат, како од партнерот и од децата, така и од соработниците на работа. Самосвесноста, самоувереноста и креирањето влијание на конструктивен и позитивен начин се клучни вештини кои на секоја жена може да ѝ помогнат да креира баланс во својот живот. Не можеме и не треба сè да правиме сами, туку активно треба да бараме поддршка од своите најблиски за да го преземат својот дел од одговорностите.

Само таквиот пристап овозможува креирање на здрав семеен живот, што е една од клучните пораки кои е важно да им ги пренесете и на своите деца, вели психологот Мартина Трбоглав-Подворац и издвојува 7 клучни совети за вработените мајки, сите оние чија цел е функционирање на семејниот живот без „лична жртва“.

1. Прво разјаснете што ви е важно и што сакате да постигнете за да се чувствувате задоволно и исполнето. Секој од нас е одговорен за сопствениот живот и единствено со свесен труд можеме да пронајдеме баланс помеѓу различните животни улоги.

2. Отворено и конструктивно изразете ги своите потреби и очекувања од најблиските. Не претпоставувајте дека другите треба да знаат што сакате и што ви е важно.

3. Откажете се од сето она што непотребно ви ја троши енергијата и ви го краде времето, а не донесува дополнителна вредност. Не треба сè да биде совршено. Можете да побарате помош однадвор за да вложите време во она каде што никој друг не може да ве замени.

4. Планирајте го времето за сè што ви е важно. Секогаш ќе постои нешто што треба да се заврши. Затоа одредете го времето за она што вие го сметате за важно.

5. Вклучете ги другите. Не морате сè да правите сами. Силата на жената е создавање позитивно влијание врз сопствената околина преку мудра комуникација и насочување кон заедничките интереси и цели.

6. Спротивставете се на чувството на вина дека не сте вложиле доволно време во нешто што сметате дека е важно. Многу поважен е квалитетот на вашето присуство отколку квантитетот. Освен тоа, оптоварувањето со вина само дополнително ќе ве закочи, па тешко ќе можете на вистински начин да влијаете врз својата околина.

6. Грижете се за себе. Само кога вие сте емоционално и физички добро, можете на вистински начин да придонесете и на својата околина.

И добрите „помагатели“ како и малите моменти во кои ќе се развеселите себеси, како на пример половина час „мир“ сурфајќи на мобилниот или читајќи некоја добра книга и пиејќи кафе, се извонредни начини да се опуштите и да се ослободите од стресот.

Автор: Данијела Петров

Извор



912

X