„Не можам да го сторам тоа.“ „Не сум добар.“ „Мразам домашна задача.“ Во последно време моето дете постојано повторува вакви работи. Негативноста ме срушува само што го слушам тоа, па можам да замислам како се чувствува ако ги кажува овие работи по цел ден. Да го ослободам моето дете од негативно размислување би било одлично. Но како?
Ако си ги кажувате сите овие негативни работи, нема да му помогнете да го помине денот или да успее на училиште. Значи, што треба да прави мајката? Научив дека треба да му помогнам на син ми да излезе од овој негативен циклус на размислување за да биде посреќно и посигурно дете. Еве ги 5. стратегии што ги користев и на кои можете да се навраќате кога е потребно за да го ослободите вашето дете од негативно размислување.
Погледнете ја големата слика
Кога внатрешниот глас на мојот син ќе се заглави во негативен циклус на размислување, тоа се нарекува „муабетење“, според професорот по психологија Итан Крос. А тоа го држи буден ноќе. Без разлика дали е математика, врсничко насилство или ковид-19, треба да му помогнам да ја погледне пошироката слика на нештата. Прекумерното размислување и заглавувањето на една негативна линија на размислување може да доведе до чувство на анксиозност и депресија. Може да доведе и до физички заболувања. Затоа, се обидувам да го охрабрам да „одзумира“ и да не биде толку многу фокусиран на она што го одржува буден. Дали ова ќе биде важно следната недела? Следната година? По пет години? Ако може да ја погледне пошироката слика, ќе има подобра перспектива за она што го мачи во моментот.
Фокусирајте се на победите и другите среќни мисли
Ако може да го промени каналот од неговите грижи кон работи што му носат среќа, ќе може подобро да спие. И ако не е заглавен во негативни мисли во текот на денот, тој ќе може подобро да се фокусира на часот и да комуницира со своите соученици. Што му носи радост на вашето дете? Дали можеби следниот натпревар? Или патувањето до библиотеката по училиште? Потсетете го на неговите минати победи за да предизвикате позитивни емоции: „Се сеќаваш ли на интересниот инсект што го фати?“ или „Кога свиреше на пијано и се чувствуваше толку добро потоа?“
Воодушевување
Воодушевување се јавува кога размислувате за нешто огромно и неописливо. Тоа помага да добиеме чувство дека нашите грижи всушност се мали. Не треба да живеете во близина на Големиот Кањон за да го доживеете тој страв измешан со воодушевување. Дали вашето дете има воодушевувачки фотографии од одмор кои се закачени на ѕидот? Дали ужива да гледа во тој кул лего-комплет што го изградило и го одржувало? Сè што му дава на вашето дете чувство на чудење, воодушевување и почит, функционира. Кога вашите деца се преплавени со грижи, посочете ги работите што предизвикувале позитивни чувства во минатото. Со надеж дека потоа ќе може да ги стави работите во поинаква перспектива додека се филтрираат новите (и попозитивни) емоции.

Природа
Излезете надвор и погледнете го огромното сино небо или гледајте во ѕвездите ноќе. Не можете, а да не се чувствувате мали. Да се биде на отворено може да им даде на децата одмор од нивните гласови во главите и сите мисли што ги вознемируваат. Глетките, звуците и мирисите околу вас може да ја надополнат душата. Слушањето звуци од природата во затворен простор или гледањето слики од природа во списание може да има слични ефекти!
Бидете советник
Детето ќе доживее многу предизвици во текот на животот што ќе му предизвикаат стрес. Но, ако има кому да му се обрати (тоа е мајката!), ако има некој да му помогне да се симне од тоа тркало на негативни мисли, детето не само што ќе спие подобро, туку ќе биде и поздраво и посреќно. Исто така, ќе научи како да се справи со сопствениот внатрешен глас кога е на училиште или на теренот со топка. Ослободувањето на вашето дете од негативните мисли ќе му користи на повеќе начини.
Автор: Мери Џо Вајс