Во минатото вошките ги поврзуваа со лоша хигиена и затоа донекаде беше разбирливо што овој проблем го криеле како семејна срамота. Се веруваше дека денешните образовани родители ќе имаат малку поинаков однос кон тоа. Но ништо од тоа! Се чини дека денес повеќето мајки попрво би признале дека нивниот сопруг е пијаница или дека има љубовница отколку да признаат дека секоја вечер ја чистат својата ќерка од вошки, исто и татковците попрво би признале дека имаат две леви нозе отколку да признаат дека нивниот син има вошки.

Кутри вошки! Сите сме ги имале, несебично ги делевме или ги преземавме од другите, се боревме со нив и без миризливи шампони какви што постојат денес.
И дека проблемот не е во вошките, туку е во нас, сведочи постот на еден татко кој своето искуство го споделил на „Твитер“.

– Денес мојот син фати вошки. Ние тоа лесно ќе го решиме. Шампон и кратење на косата. Ред е да им се каже и на другите родители од вибер-групата. И потоа следува јавувањето од другите родители дека нивните деца имале вошки, но сега наводно се чисти. И потоа сфаќате со какви идиоти сте опкружени. Затоа што наводно вошките претставуваат срам.

Исто така, напишал дека неговата порака била „лајкувана“ само од четворица од триесет родители, дека знае кој ги шири овие паразити во одделението (иако тоа ни најмалку не го интересира) и нагласил дека вошките се составен и неизоставен дел од растењето.

Дека искуството на овој татко не е единствено, покажаа и одговорите на неговиот пост….

– Јас веднаш објавив на вибер-групата кога мојата ќерка фати вошки. Никој никогаш повеќе не пријави, а малку по малку се слуша од децата. Па за што ни служи групата ако не за такви информации.

– Не е важно кој прв ги добил. Со тоа што ќе известите, го заштитувате своето дете бидејќи што ви вреди шампонот ако другите не обрнат внимание, па вошките повторно им се вратат на вашите деца. При секоја зараза постои обврска за животната средина. Не е срамота ако фатиш вошките, срамота е да не ги преземеш сите превентивни мерки.

– Истото и јас го доживеав пред неколку години. Им се јавив на сите што играа со мојот син, а родителите одговараа: „Моето дете нема, не сте ги добиле од нас“. А јас воопшто не истражував од кој ги добил, само сакав да ги предупредам да обрнат внимание на своите деца, да ги проверат.

Дека понекогаш не може да биде поинаку, раскажува мајка која „буквално крена врева“ и со тоа трајно го реши проблемот.

– Срамота е возрасни луѓе да се однесуваат како да е 19 век. Основното образование и култура подразбираат за такви работи да се реагира, да се пријават и за нив нормално да се разговара. Отворете ја оваа тема.

Инаку, родителите не им дозволуваат на наставниците за вошките да зборуваат јавно бидејќи со тоа наводно ги кршат детските права, но за среќа не можат да им забранат да го испратат дома детето што има вошки за да не ги зарази и другите.
Не бидете такви, ова е 21 век.

Ако вашето дете добие вошки, не праќајте го на училиште или во градинка сè додека не ги отстраните целосно, известете ги другите родители, наставниците и воспитувачите за да се спречи ширење на други деца.

 



912

X