Пред три години социјалните мрежи во Австралија (и низ светот) беа потресени од објавата на социјален работник кој, во пресрет на празникот, од родителите побара да престанат да им кажуваат на своите деца дека скапите играчки под елката им ги остава Дедо Мраз.

– Ве молам, не кажувајте им на децата дека новиот таблет или играчка од 100 евра што се наоѓаат под елката се подарок од Дедо Мраз. Секоја година многу родители се тажни и разочарани затоа што се соочуваат со прашањата на своите деца:

– Не сум доволно добар што Дедо Мраз не ми донесе толку добар подарок?

Малите деца се прашуваат зошто добиле само чорапи или маици или мали автомобили, додека Дедо Мраз на другарчето од градинка му донел многу подобар и поголем подарок. Дали тоа значи дека детето вреди помалку и дека Дедо Мраз помалку го сака?

Овој социјален работник побара од родителите подароците за кои сакаат да му дадат заслуги на Дедо Мраз да бидат разумни и скромни, додека за скапите подароци родителите треба да им кажат дека им ги купиле со парите што ги заработиле.

– Ако им кажете на децата дека скапите подароци доаѓаат од Дедо Мраз, всушност, ќе бидат многу тажни затоа што кога ќе слушнат дека другарчето од градинка добило поскап подарок од Дедо Мраз, ќе веруваат дека тоа е нивна вина. Се разбира, секогаш ќе има разлики во финансиската состојба и никој не може да го промени тоа, но децата не треба да веруваат дека тоа е нивна вина. Слободно земете ги заслугите за скапите подароци што сте им ги купиле на вашите деца, имате право на тоа.

А магијата можете да ја зачувате и со некоја убава книга. Тоа ќе ги направи подароците од Дедо Мраз уште попосебни.

Автор: А.Ц.

Извор



912

X