Воспитување

Не карајте ги децата пред сите!

Доколку детето било неумно во продавница, на улица или на вечера кај пријатели, сигурно барем еднаш сте го искарале пред сите, а тоа е, тврдат психолозите, многу лошо за неговата самодоверба. Децата го доживуваат тоа како понижување пред личностите на кои треба да им остават добар впечаток и да бидат прифатени во друштвото во кое се наоѓаат. Некои деца на карањето ќе реагираат уште понегативно зашто ќе се почувствуваат нападнати, други, особено ако се многу мали, може да се натажат и да се повлечат во себе, а тоа може негативно да влијае врз нивниот развој и емоционалната стабилност.

Дисциплинирањето и критикувањето на децата треба да останат во рамките на семејството зашто само на тој начин ќе имаат ефект. Детето мора да се чувствува сакано и почитувано, а домот треба да биде место каде што без страв ќе ги изразува своите емоции и ќе може да зборува за проблемите што го мачат.

Наместо во јавност да го критикувате ако е немирно, би требало превентивно да му покажувате љубов и нежност пред другите, а резултатот ќе биде изненадувачки.
Сите ние се сеќаваме на ситуацијата кога мама и тато викале по нас во јавност и на страшното чувство што ни се врежало во сеќавањето до денес. Со викање го насочуваа вниманието на околината кон „престапникот“, а тоа бевме ние, па бевме затрупани со негативни емоции, се чувствувавме немоќно и повредено. Уште се сеќавате на тоа? Е, затоа не дозволувајте и вашите деца да имаат толку лоши спомени.

Ако детето го карате во четирите ѕида на вашиот дом, му покажувате дека го почитувате и дека не сакате да го понижувате пред другите. Не заборавајте да му кажете дека повеќе нема да толерирате повторување на грешките и недозволено однесување и дека во иднина ќе биде казнето така што ќе си заминете од местото на кое направило инцидент.
Доколку, на пр., детето си игра со топка во дневната соба пред гостите, и покрај тоа што му е забрането, а потоа ја турне саксијата со цвеќе, викањето и казнувањето пред сите нема да го коригираат неговото однесување за иднина. Во тој момент најдобро е да побарате да ви помогне околу чистењето на нередот, а кога ќе останете сами, поразговарајте за тоа што го направи и објаснете му кои се последиците ако и во иднина не ги почитува забраните.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top