Тинејџерите треба сами да носат одлуки и треба да имаат верба дека знаат што е најдобро за нив. Ова искуство ќе ги подготви за преземање одговорност за себе и за својот живот.

Децата носат одлука дека нема да бидат како своите родители, сакаат да бидат самостојни, а истовремено не се спремни да бидат одговорни. Промените што се случуваат кај тинејџерите влијаат и врз односот со родителите, кој секако треба да претрпи промени. Треба да се дозволи децата да погрешат, а родителите да бидат покрај нив и да ги придржуваат во обидите на проодување во живеењето на животот.

Децата проодуваат до 24. месец од нивниот живот, а сега учат како да проодат во живеењето со семејството, околината и врсниците. Ние како родители треба да сме присутни, да ги придржуваме, да ги пуштиме да видат колку се сигурни во чекорењето, живеењето.

Рана адолесценција од 11 до 13

Тогаш се забележуваат првите телесни промени, тинејџерите го менуваат односот со врсниците и начинот за размислување за светот. Тие се пораздразливи, имаат вишок енергија и повеќе се во движење. Сѐ повеќе ги тестираат границите на родителите поради својата потреба за осамостојување, се лутат и жестоко влегуваат во расправии. Телесните промени се во развој, но начинот на размислување сѐ уште не е доволно и зрело развиен. За овој период карактеристични се ризичното однесување, барањето возбуда, размислувањето во сегашноста и егоцентризмот. Тоа значи дека тие ги занемаруваат последиците на своето однесување, а кога ќе им се воочат, тинејџерите ги доживуваат како ограничување. Нивното размислување за сегашноста и задоволување на потребите овде и сега прави да не размислуваат за иднината и што таа им носи. Поважно им е како ќе си поминат со другарите и дали ќе ја видат симпатијата.

Средна адолесценција од 14 до 16

Во средната адолесценција се окупирани со себе и имаат замислена публика. Поради забелешките од родителите, мислат дека сите нив ги гледаат. Во овој период младите ги развиваат вештините за независност од другите. Родителите очекуваат дека независноста е поврзана и со одговорноста на младите, а тие независноста ја гледаат само како слобода од родителскиот авторитет. Во овој период многу се истакнати незрелото и зрелото однесување, за што родителите треба да бидат свесни и да им дадат можност да вежбаат независност и носење одлуки кои вклучуваат последици. Дозволувањето да учат со обиди и грешки им носи искуство за стекнување вештини за одговорност. Интересот за сексуална ориентација и потреба се зголемува и треба отворено да се зборува со децата. Кај одредени родители постои страв ако се зборува, да не се поттикнат на рано сексуално искуство. Напротив, кога отворено се зборува, се одложува сексуалната активност со зрело размислување за последиците. Во овој период тие имаат многу промени, избор на средно училиште, прифаќање од новата средина, снаоѓање во односот со професорите, соучениците и секако новите предмети и материјалот што треба да го совладаат.
Електронските социјални страници и медиуми имаат големо влијание, се јавуваат врсничко насилство, посегнување по алкохол, цигари и дрога.

Доцна адолесценција од 17 години

Барање на своето јас. И понатаму се бара идентитетот, период во кој се избира својата професија, професионален развој и развивање на капацитетите за интимност во односите. Развивањето на идентитетот се однесува на размислувањето кој сум, кои се моите вредности и во кој правец да продолжам. Изборот на облека, музика, фризура носи чудење и грижа кај родителите. Адолесцентите го бараат своето јас преку припадност кон врсниците кои се склони кон ризични однесувања. Во овој период е многу важна подршката од родителите, присутноста и градењето на позитивната слика за адолесцентот. Потребно е уважување на неговите мали и големи успеси. Во доцната адолесценција важен развој е и интимниот однос со пријателите и првите романтични врски. Ова е периодот кога сѐ повеќе се разделуваат од родителите и се насочуваат кон пријателите и партнерите. Развиваат способност за несебичност и пожртвуваност, но и понатаму им е важна независноста.

Поддршка:

Влезете во позицијата на адолесцентот;
Немојте да им бидете пријатели;
Нагласување на краткорочните последици од неговото однесување;
Поттикнувајте ја независноста;
Вклучувајте ги во семејните одлуки и обврски;
Избегнувајте да ги испрашувате – разговарајте;
Слушајте што им се случува во моментот;
Не критикувајте ги;
Разумни јасни и правични правила;
Разговарајте за промените што следуваат;
Зборувајте за вашите искуства;
Поттикнувајте толеранција за различности;
Запознајте ги нивните пријатели;
Бидете вклучени во онлајн животот на вашите деца;
Грижете се за себе и за вашиот партнер.



912

X