Денешните деца се најсовршените суштества што некогаш оделе по Земјата. Гении, најубави, најпаметни, знаат сѐ, родени се со мобилен телефон в рака, менуваат канали на телевизорот уште од првиот роденден, зборуваат англиски јазик уште од втората година, пеат, свират, одлични се во математика.

И додека родителите донекаде успеваат да се држат на земја, на бабите и на дедовците тоа тешко им оди од рака, па воодушевувањето прераснува во проблем. Бидејќи кога детето еднаш ќе го убедите дека во сѐ е подобро од другите, тоа тешко ќе го поднесе соочувањето со реалноста. Д-р Ети Бизен, познат француски детски психијатар, смета дека децата треба да растат нормално, без претстава за својата сопствена „големина“ и супериорност бидејќи таа, за жал, ја има главно само дома. Особено е лошо, според неа, кога врз основа на нереални нешта се формираат нереални очекувања, па и на детето и на оние од неговата околина може да им предизвикаат големо страдање.

– Никогаш немојте на своето дете или внуче што тренира фудбал да му зборувате дека е следниот Меси и дека ќе добие „Златна топка“ во секој момент, бидејќи можеби следниот натпревар ќе го помине на клупата за резервни играчи. Што мислите, како ќе се чувствува тоа дете? Дали ќе му се зголеми самодовербата? Дали ќе му верува на тренерот кој кажува дека од него има подобри или ќе ви верува вам, кои сметате дека е најдобриот фудбалер што некогаш се родил? – вели докторката Бизен.

 

Од друга страна, не треба ни да го прекорувате, ниту да го исмејувате ако не ги исполни вашите нереални очекувања бидејќи така ќе му ја уништите самодовербата. Потребни му се поддршка, а и вистината, а не критики и нереалните пофалби. Објаснете му дека понекогаш победуваме, но некогаш и губиме, некогаш сме најдобри, некогаш просечни.

– Истото правило важи и за градинка, на училиште и за сите други места, како и за сите односи со врсниците бидејќи е извесно дека вашето дете или внуче не е најдобро во сѐ и најсовршено. Впрочем, дали навистина сакате вашето дете да го поминува животот со ставот: „Јас сум најубав/а“ или да мисли дека е најдобар математичар само затоа што пред да тргне на училиште знаело да собира до 20? – прашува д-р Ети Бизен.

Таа нагласува дека таквите, нарцисоидни деца со нереална претстава за себе често имаат проблеми со врсниците, особено ако налетаат на слични на себе.



912

X