Високата температура не е нешто од што треба да се плашиме и не е нешто што треба да го „симнуваме“ веднаш штом ќе се појави.

Кога нашиот организам ќе се разболи (кога ќе го нападнат вируси или бактерии), тој се обидува да изгради што повеќе леукоцити (бели крвни зрнца) кои се „војска за борба против непријателот“ (вирусите или бактериите). За да создадеме што повеќе „војници“ (леукоцити), ни треба многу енергија, а неа ја добиваме така што организмот ја зголемува температурата. Колку што е повисока температурата, повеќе и побрзо работат „фабриките за производство на тие војници“. Значи, колку што е повисока температурата, организмот добива повеќе енергија за да се избори со болеста. Телото е уморно, апетитот опаѓа бидејќи тоа е одбранбен начин на организмот целата енергија да ја потроши во одбрана. Сите други погони запираат или ја забавуваат работата и сè се префрла на производство на „војници“ (имунолошки одговор на нападот).

И? Што се случува кога ние ќе ја спуштиме температурата? Ја спуштаме енергијата и брзината на производство на нашите одбранбени единици, што значи дека ќе имаме помалку борци и ќе ни треба повеќе време за да оздравиме – според американските студии, закрепнувањето трае два дена подолго отколку кај здравите луѓе без компромитиран имунолошки систем.
Значи: температурата е потребна и е добра! Не плашете се од неа.

Како би требало да реагираат родителите кога детето ќе добие температура?

Одговор на прашањето е: родителите мора да го набљудуваат своето дете и да реагираат во согласност со тоа како се однесува детето, а не кој број го покажува топломерот. Некои деца дури и со 39 степени температура лежат в кревет без болки и мируваат, па ним треба да им се даваат само што повеќе течности за да не дехидрираат и да се остават да ја користат целата енергија што ја создаваат за одбрана. Исто така, покрај течности, им требаат и витамини, како поддршка на имунолошкиот систем.

Меѓутоа, ако детето има болки и не може да спие или да пие течности, тогаш треба да се мисли на „симнување“ на температурата.

Како да се симне високата температура кај децата?

Прво што треба да се направи е да се истушира детето со МЛАКА вода (никако со студена бидејќи нема потреба детето да се изложи на таков стрес, а млаката вода ќе биде постудена од температурата што ја има во моментот). Не препорачувам детето да се стави во када со млака вода бидејќи ако има висока температура, со телото ќе ја загрее водата и ефектот нема да биде ист. Значи, тушот обезбедува константна температура на водата и воедначено ќе го излади телото. Главата на детето има голема површина и со ладење на главата побрзо ќе го оладите и телото, значи, туширајте ги и главата и телото.

Дали се препорачуваат „третманите“ на нашите баби (чорапчиња во оцет или компир, масирање со алкохол, препотување)?

Бабите знаат сè. Тие ги чуваат мудростите и ги пренесуваат од генерација на генерација. Во народните лекови има доста вистина, но и искуство. Не препорачувам масажа со алкохол и ракија. Алкохолот ја суши кожата, а ако детето го вдише испарувањето, може и да се опијани. Водата е сосема доволна. Што се однесува до компир или оцет, може, нема да штети, бидејќи и натаму не даваме лекови за симнување на температура (бруфен, парацетамол, итн).

Што се однесува до препотувањето, би сакала да ги научам родителите на една работа за температурата.

Ако детето има температура проследена со треска, треперење, студени раце и нозе – тоа значи дека температурата и натаму расте. Целото тело се обидува да го насочи крвотокот кон внатре, да со стопли центарот, а со треската (кога детето се тресе) се подигнува температурата на телото. Во овој случај детето треба да се затопли и да се остави да создаде температура која му е потребна за борба против болеста.
Во случај детето да има зголемена температура и да „гори“, да е жешко, да се поти, тоа значи дека телото стигнало до „посакуваната“ повишена температура (без оглед кој број го покажува топломерот – 38, 39 или 40 Целзиусови степени) – тоа значи дека температурата не ќе може уште да расте и дека сега треба да му помогнеме да го надмине овој период. Значи, што повеќе течности, туширање со млака вода итн.
Намерно ви давам примери со високи бројки за температура, чисто да знаете дека и тоа е во ред. Бројката не е важна, важна е состојбата на вашето дете – како се однесува и како реагира на температурата и болеста.

Кога детето може да добие фрас?

Се разбира, постои голем страв кај родителите од фебрилни конвулзии или фрас, предизвикан од температура.
Родители, запомнете го ова: фебилните конвулзии не настануваат од висока температура, туку од БРЗИНАТА на порастот како и ПАДОТ на таа температура. Значи, ако порасне многу брзо (скокне од 37 до 39 премногу брзо – што, за жал, не може да го контролирате) тогаш може да дојде до фебрилна конвулзија. Може, но и не мора. Исто така, ако премногу брзо падне температурата (на пример, од 39 на 37), пак може да настане истиот проблем. Значи, ако и премногу брзо ја симнете температурата на детето со лек, и тоа може да предизвика конвулзии.

Затоа, треба да знаете дека не можете да го контролирате настанувањето на овој проблем и дека ако се случи, мора веднаш да повикате итна помош или веднаш да го однесете детето на лекар. Фебрилните конвулзии всушност не се лекуваат и не можат да предизвикаат никакви нарушувања, но детето треба да се набљудува и да се провери дали е сè во ред.

Општи препораки – која храна и пијалаци треба да му се даваат на детето?

На детето треба да му се понуди лесна храна, чорбички, супи, овошје, витамини и што повеќе течности. Ако детето не сака да јаде, не мора, но мора да пие течности. Кокосовата вода е вонредно слична на телесната течност, содржи и електролити и шеќери во добар размер, па може да му дадете на детето.

Кај бебињата се препорачуваат што повеќе подои, а ако тоа не оди, треба да му се дава електролитна вода. Не препорачувам никакви масовни пијалаци како што се водите за спортисти – полни се со хемикалии, вештачки бои и шеќери.

Кога да се оди на лекар?

Доколку настанат фебрилни конвулзии, веднаш однесете го детето на лекар. Исто така, ако сте во паника поради високата температура и не знаете што да направите, можете да го посетите вашиот педијатар. Но, ако се работи само за висока бројка на топломерот, а детето е во ред, не треба веднаш да го носите на итна. Имате време да го хидрирате, да го набљудувате и да му дадете што повеќе витамини. Почекајте ден-два да видите како ќе се развива болеста. Ако се појават кашлица, болка во увото, пролив или што било друго, однесете го детето на преглед.

Не треба при секоја висока температура веднаш да се оди на лекар. Чекалниците се полни со вируси, па ќе го изложите детето на други инфекции во момент кога имунитетот веќе му е слаб и се бори со една болест.

Колку дена да остане дома детето по симнувањето на температурата?

Јас сум за тоа што подолго да се задржи дома, ако детето е помало, полесно е да изостанува на училиште, повозрасните деца можат многу да пропуштат од наставата и да заостанат, што е потешко.
Барем ден-два по симнувањето на температурата и смирувањето на симптомите детето мора да остане дома, да закрепне целиот организам. Исто така, зависи дали е лето или зима, назима има повеќе болести, особено во сезона на грип, па со прерано враќање во колективот детето ќе биде во зголемен ризик повторно да се разболи бидејќи нема доволно „војници“ – леукоцити – за одбрана од болеста.

Кој е најсигурен метод за мерење температура?

Мој совет е да не трошите пари на некакви модерни и скапи топломери и да не правите „математики“ со собирање/одземање на степените во зависност дали сте мереле орално, ректално или аксиларно (под пазувите). Како што наведов, тоа е само БРОЈ. Битно е вашето дете – како се однесува и како изгледа. Следете го неговиот организам и неговиот ритам.
Имајте некаков топломер дома чисто за да можете да ја следите состојбата, ако така ви е полесно. Нашите баби ја мереле температурата со надлактицата и им било битно само да знаат дали детето „гори“ или не. Не било битно дали температурата е 38,1 или 37,9 степени.

И за крај, би кажала нешто за лековите што обично се користат „против“ висока температура: Ибупрофен (адвил, бруфен, мотрин – различни имиња за ист лек) и ацетаминофен (парацетамол, тајленол…)
Доколку дојде до тоа лекот да е потребен, на родителите би им препорачала ибупрофен. Ацетаминофенот при своето разложување поминува низ црниот дроб и може да предизвика доста нусефекти. Исто така, го намалува нивото на супстанцијата глутатион во организмот, која е главна помош во отстранувањето отрови, тешки метали и хемикалии од телото – кога ја нема, црниот дроб тешко се бори со токсините. Значи, НИКОГАШ не давајте ацетаминофен (парацетамол) пред и по секое вакцинирање бидејќи вакцините ќе бидат многу потоксични за телото од вообичаено.

Д-р Билјана Узелац, специјалист-педијатар



912

X