Ново истражување на СЗО покажува дека пандемијата на Ковид-19 сериозно влијае врз квалитетот на дадената нега на малите и болни новороденчиња, што резултира со непотребни страдања и смртни случаи. Студијата ја потенцира големата важност од блискиот контакт на бебињата со мајката веднаш по раѓањето, особено за оние бебиња што се родени многу мали или прерано.

Сепак, во многу земји, ако инфекција со Ковид-19 е потврдена или постои сомнеж за неа, новороденчињата рутински се одвојуваат од своите мајки, но со тоа се изложуваат на поголем ризик од смрт или долгорочни здравствени компликации. Ова особено е случај во посиромашните земји каде што поголем е бројот на предвремено родени деца и смртни случаи на новороденчиња. Според извештајот, попречувањето на грижата на родителот, особено мајката, за детето веднаш по раѓањето предизвикува зголемување на тие ризици.

Може да бидат спасени дури 125 илјади бебиња ако се укаже соодветна грижа и близок контакт по нивното раѓање. За оние што се прерано родени или имаат мала тежина, грижата „кенгур мајка“ (ран, пролонгиран контакт кожа на кожа со мајката и доење) е особено важна. Кај новороденчињата родени прерано или со мала тежина, таквата грижа се покажало дека ја намалува шансата за смрт дури за 40 отсто, хипотермијата за дури 70 отсто, а сериозните инфекции за 65 отсто.

– Новородените деца во целиот свет имаат право на спасоносниот контакт со мајката, а тоа не би требало да им биде скратено поради пандемијата на Ковид-19. Деценијата на напредок во намалување на смртноста кај децата ќе биде загрозена ако нешто не се направи сега – истакна Аншу Банерје, експерт од Светската здравствена организација за здравје на мајките и новороденчињата.

СЗО препорачува мајките и понатаму да ги делат собите со своите новороденчиња, да ги дојат и да остваруваат контакт со кожата, дури и кога постои сомневање или е потврден Ковид-19.

Меѓународното истражување спроведено меѓу медицинските сестри и лекарите, пак, покажало дека пандемијата довела до ограничување на контактот помеѓу новороденчињата и мајките, а две третини од 1.120 испитаници рекле дека ќе ја одвојат мајката од детето ако тестот им е позитивен или статусот не им е јасен. Повеќе од 85 отсто од испитаниците навеле дека се плашат за своето здравје, а недостигот на лична заштитна опрема, стресот и безбедноста се меѓу главните проблеми. Истражувањето покажало и дека во некои болници, виталните ресурси, вклучително и персоналот и резервите со кислород, се преместувале од одделенијата за новороденчиња на одделенијата за Ковид-19.

Инфекцијата за време на бременоста може да резултира со зголемен ризик од предвремено породување, што значи дека е уште поважно да се осигури вистинска грижа и поддршка за прерано родените бебиња и нивните мајки за време на пандемијата. Според неодамнешните процени, 15 милиони бебиња се раѓаат прерано (пред 37. недела) секоја година и 21 милион бебиња се раѓаат со помала тежина (под 2,5 килограми). Овие бебиња се соочуваат со значителни здравствени ризици, вклучително и попречености, одложувања во развојот и инфекции, додека компликациите поврзани со предвремено раѓање се водечки причини за смртност кај новороденчињата и бебињата под 5 години.

Извор



912

X