Се проценува дека менталното здравје ќе биде сè поголем предизвик за луѓето

Македонците полека го надминуваат срамот да побараат психолошка помош кога имаат потреба за тоа, особено во последните неколку години. Свесноста се зголемува, вели м-р Ивана Хаџиванова, психолог и психотерапевт, основач на „Неокортекс“, центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација, па луѓето сè повеќе си бараат професионална психолошка поддршка и помош. Но, сè уште треба заеднички да се работи на дестигматизацијата и кршење на табуто, и тоа повеќе во помалите градови.
10 Октомври е Светски ден на менталното здравје. Се проценува дека тоа ќе биде сè поголем предизвик за луѓето.

Се губи драгоцено време со гатачи и бајачи

– За жал, некогаш се губи драгоцено време со одење по гатачи и бајачи, додека да се дојде на соодветното место за помош. Никој не треба да се срами да посети психолог, психотерапевт или кој било друг професионалец од областа на менталното здравје. Исто како што не се срамиме кога бараме стручен совет и интервенција од други здравствени специјалности и хуманистички професии, за заштита и одржување на целокупното психо-физичко здравје. Напротив, барањето помош е знак за висока свесност за себе, преземање лична одговорност, храброст, љубов и грижа за себе која секој човек треба да ја има – вели Хаџиванова.

Фото: Бојан Стоилковски

За што бараат помош родителите?

Родителите, објаснува нашата соговорничка, најчесто бараат помош кога ќе забележат некои развојни отстапувања и растројства, односно доцнење на некои аспекти и дисхармонија во развојот, интензивна анксиозност и плашливост кај детето и неможност да ги совлада и надмине детските стравови со растењето. Многу честа појава типична за овој период е и сепарационата анксиозност предизвикана од поаѓањето во градинка и во прво одделение.

– Бараат совет и помош и за појавата на пелтечење и тикови, енкомпреза или енуреза кај детето, а често и при доживеан голем трауматски стрес, телесна повреда, болест или загуба на близок, па се третира процесот на тагување и активацијата на примарниот егзистенцијален страв – стравот од смрт. Родителите се советуваат и за детските тантруми типични за малите деца, за бунтовничко однесување и проблеми со дисциплината и поведението кај школските деца, хиперактивност, но и за повлекување и срамежливост, односно за тешкотии во социо-емоционалниот аспект од развојот. Се бара помош и за зачестена себестимулација со допири на половите органи кај децата – вели Хаџиванова.

Со голем број адолесценти психолозите работат и на конфузија во сексуалниот идентитет.

– Сè почесто се бара помош и за тешкотии поврзани со користењето на технологијата и последици од небалансираната употреба, како и за булингот, за кој можам да кажам дека, за жал, веќе е секојдневие во училиштата, а сериозно влијае врз самодовербата и целокупната личност кај децата и адолесцентите – вели Хаџиванова.

Трауми, анксиозност, панични напади, разводи…

Разводот на бракот како сè почеста појава е исто така повод за семејно советување и психотерапија, како за децата така и за возрасните.
Возрасните, според нашата соговорничка, посетуваат психолог и психотерапевт од многу различни причини, а најчести се анксиозноста и паничните напади, како и тешкотијата при справувањето со хроничниот стрес во секојдневието, но и за акутните стресни реакции и траумите, депресивноста, загубите и процесите на тагување при смрт на близок, зависности, растројства во исхраната, растројства во спиењето, тешкотии во приспособувањето, тешкотии во донесувањето големи животни одлуки, долготрајно животно незадоволство, ниска самодоверба итн.

– Многу честа причина се и конфликти и дисфункционалноста во партнерството, бракот и семејството, како и разводот, кој е голем предизвик и стресор кај брачните партнери, а кој и претходно го напоменав и кај децата – набројува психологот.

Страв од тоа што ќе кажат другите

Таа вели дека одењето на психолог е табу поради предрасудите и стереотипите кои сè уште постојат во однос на менталните болести и стравот од нив, стравот од етикета и од тоа што ќе кажат другите, некогаш стравот од соочување со себе и животните тешкотии, односно личните отпори.

– Можеби и поради нецелосната информираност за траењето и општо за процесот на работа, а кај некои луѓе и сомнеж во ефикасноста на психотерапијата, иако таа е потврдена од практиката и од науката со многубројни истражувања. Тука е и верувањето дека само ментално болни луѓе посетуваат психолози. На психолог одат и луѓе што не се соочуваат со болест или психолошко растројство, туку можеби со тага од загуба, дилема пред голема одлука, а некои едноставно бараат совет и помош за некоја професионална одлука или животен предизвик или можеби само да се слушнат себеси наглас и да поразговараат со стручно лице – објаснува Хаџиванова.
Психотерапевтскиот процес не е ограничен само за луѓето со ментални растројства. Секој што сака да го зголеми својот квалитет на живеење и да го негува своето ментално здравје, треба да работи на себе, а помошта од стручно лице може само да придонесе во тоа.
– Постоењето на табуто прави многу често на каучот пред мене да седат луѓе што бараат помош поради другите од нивната околина, на кои во суштина им е најмногу потребна, а тоа го негираат и ја одбиваат сугестијата од блиските – вели нашата соговорничка.

Превенција од самоубиства

Светот го одбележува денешниот ден со фокус на превенцијата од самоубиствата. Светската здравствена организација вели дека на секои 40 секунди се губи по еден драгоцен живот во светот како последица на суицид.

– Затоа мора да зборуваме и сите да преземеме акции и одговорност. Секој од нас е важен и може да направи позитивна промена прво на лично ниво, па и на општествено и национално, во насока на превенција и подобрување на грижата за менталното здравје – вели Хаџиванова.
Таа објаснува дека суицидот на една индивидуа има огромен ефект, кој прво и значително го трауматизира и дестабилизира семејството, па пријателите, колегите, но и пошироко, односно заедницата.

– Постојат индикации за постоење на т.н. „заразен ефект“ во однос на самоубиствата, кој е повеќе изразен во другите делови од светот. Тој се нарекува Вертер ефект и всушност означува копирано однесување. Тој знае да биде значаен јавно-здравствен проблем. Од тие причини, голем број земји што се соочуваат со овој здравствен и општествен проблем развиваат национални стратегии за спречување самоубиства и промоција на превенција и грижа за менталното здравје, при што создаваат и соработка со медиумските професионалци за поддршка во таа насока – вели нашата соговорничка.



912

X