Се разгледува можноста за проширување на капацитетот на училиштето. Со изградба на дополнителни простории би се укинала т.н. трета смена. Се гради целосно нов објект во населбата Лисиче каде што би можеле да се преместат дел од учениците – велат од Општината и не прецизираат дали од новата учебна година ќе се укине третата смена

Дали е нормално дете на 9 години да се враќа од училиште во 19 часот – прашува загрижена мајка на дете што учи во ОУ „Лазо Ангеловски“ во скопската населба Ново Лисиче. Нејзиното дете оди во т.н. меѓусмена. Тоа е единственото училиште во Македонија во кое наставата се одвива во три смени. Проблемот е стар повеќе од две децении и никако да се надмине.
– Не е нормално децата да учат во две смени, а не пак во три. Кога децата одат во трета смена, родителите воопшто не ги гледаат дома, немаат заеднички ручек, немаат комуникација. Концентрацијата на децата е намалена зашто часовите им почнуваат во 15:30 часот. А дополнително на тоа, немаат ниту со кого да учат – вели мајката на четвртоодделенката.
Таа објаснува дека кога нејзиното дете треба да оди на воншколска активност, мора да ги замолува наставниците да ја ослободат.
– Ова е класично кршење на детските права. Годинава одат по две недели во прва, втора и во трета смена. Лани беа по две недели во прва и во трета. Само пред локалните избори одеа во прва и втора и најавуваа на големо дека ќе се укине третата смена – револтирана е мајката.

Општината проценува дали е потребно уште едно школо

Во Европа веќе речиси секаде се напушта концептот за двосменско работење на училиштата, а не пак трисменско. Деца.мк се обрати до Општина Аеродром и побара одговор за проблемот. Оттаму велат дека за да се намали бројот на учениците во ова училиште, направиле реонизација според која во ова училиште се запишуваат само деца што живеат во блиската околина.
– Земајќи предвид дека се работи за густо населен реон во чии рамки има и нова населба, се разгледува можноста за проширување на капацитетот на училиштето. Со изградба на дополнителни простории и училници би се укинала, т.н. трета смена. Исто така, во моментов се гради целосно нов објект на местото на Основното училиште „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, каде што би можеле да се преместат дел од децата што моментално посетуваат настава во „Лазо Ангеловски“– велат од Општината.
Тие додаваат дека во моментот се прави процена дали и покрај овие мерки ќе има потреба за изградба на уште едно училиште, конкретно во населбата Тодор Чангов, наменето и за новата населба на последната постојка на автобуската линија 5.

Претходно непланско работење

Состојбата во училиштето „Лазо Ангеловски“ претходно била полоша, но третата смена не се растоварила и покрај отворањето на новото ОУ „Александар Македонски“ во Реонски центар.
– Со изградбата на новата населба на последна 5-ка, бројот на ученици повторно се зголеми и поради тоа остана потребата од меѓусмена. Недостигот на образовните и згрижувачки капацитети е директна последица од долгогодишното непланско работење на претходното раководство. Аеродром е општина во која никнаа цели нови населби и основна задача на локалната самоуправа е да им овозможи услови за живот и развој на новите жители, кои се најчесто млади брачни парови. Токму затоа, една од првите задачи на новото раководство беше процената на капацитетите на градинките и училиштата, кон што се насочуваат и најголем дел од капиталните инвестиции – велат од Аеродром.
Засега, ОУ „Лазо Ангеловски“ е единственото што има недоволни капацитети за да ги задоволи потребите на сопствениот регион.
– Од друга страна, постои континуиран дефицит на згрижувачки капацитети во градинките. Во оваа насока Општината започна изградба на нов објект за градинката „Буба Мара“ со 8 занимални, а во изминатиот период беше доградена градинката „Чекорче“. Подготвени се проекти за доградба на два објекта, а во тек е подготовка на изработка на еден проект за доградба и еден проект за изградба на целосно нов објект за детска градинка во населбата Мичурин. Дополнително се предвидува вцртување на уште една нова градинка во населбата Тодор Чангов.
Каква е ситуацијата во другите училишта во најнаселената населба? Во ОУ „Браќа Миладиновци“ учениците посетуваат настава во една смена, а во сите други шест училишта – во две. 1.491 дете учат во „Лазо Ангеловски“. Сите останати училишта во општината имаат од 161 до 836 деца.
Проблем со трисменско работење до пред две години имаше и во Основното училиште „26 Јули“ во скопската населба Шуто Оризари. Беше решен со доградба на школскиот објект и сега наставата е во две смени.



912

X