Што е авторитативно родителство? Авторитативното родителство поставува правила земајќи ги предвид желбите на детето. Овој тип воспитување носи и многу предизвици за двете страни. Родителите даваат емоционална поддршка кога нешто ќе се направи како што треба. Но, ако детето не се однесува убаво, со дисциплина ќе ја научи лекцијата. На авторитативните родители не им е најважно детето да биде слепо послушно, туку тоа да учи од своите грешки.
Истражувањата покажале дека авторитативните родители почесто одгледуваат деца кои се посамостојни, поведри и имаат општо подобра психолошка состојба. Сега доаѓаме до очигледен одговор дека помеѓу авторитарното и авторитативното, подобро е авторитативното воспитување. Но, зошто?
Дијана Баумринд, германски психолог која ја развила првобитната поделба на стилови на родителство, го нарекла авторитативното родителство „баш вистинскиот начин“, бидејќи студиите покажале дека децата на авторитативните родители се поуспешни и дека имаат пооптимистичен став. Истражувањето на психолози од Универзитетот „Темпл“ покажало дека тинејџерите од авторитативни родители покажуваат подобри резултати на училиште и имаат поголеми шанси да успеат во подоцнежното академско образование.
Уште една студија објавена во Американското здружение на психолози открила дека адолесцентите што биле воспитувани од авторитативни родители биле посигурни во своите способности и помалку склони кон проблематично однесување, како што е злоупотреба на алкохол и дрога, како и агресија кон другите.
Причина за тоа? Тајната лежи во одржувањето рамнотежа помеѓу дисциплината и грижливоста. Авторитативните родители користат позитивна, таканаречена индуктивна дисциплина која им овозможува на децата да размислуваат логично за тоа како нивното однесување влијае врз другите. Идејата е на детето наместо со казнување и закани, конструктивно и несебично да му се објаснат последиците од некое однесување. За мало дете тоа може да биде едноставно објаснување нешто да не допира, на пример: „Не допирај го тоа! Премногу е топло! Може да се изгориш!“ Додека за постаро дете тоа може да биде објаснување (но, не инструкција), за тоа зошто одредени правила постојат. Докажано е дека дури и најмладите деца чувствуваат емпатија и сакаат да бидат од помош. И тоа е основното размислување на овој пристап. На овој начин му помагаме на детето да развива свест за тоа како неговото однесување влијае врз другите. Истовремено, авторитативниот родител ги слуша потребите на своето дете и го поддржува тогаш кога е потребно. Покажувајќи притоа многу љубов и топлина.
Како тоа функционира и како можете да го примените овој пристап со своето дете?
Дајте му на детето охрабрување и пофалете го кога прави добри работи. На пример: „Баш е убаво што беше љубезен кон својот другар.“ Кога детето не се однесува убаво, користете позитивна дисциплина да го научите лекција. На пример: „Зошто не го исчисти нередот во собата навреме, сега ќе мораме да ја пропуштиме забавата. Ова ќе се случува секојпат кога нема да ја расчистиш твојата соба“. Она што е предизвик кај ваквото родителство е пронаоѓањето на вистинската мера помеѓу строгоста и флексибилноста. Потребно е да се постават јасни правила, додека во исто време овие правила треба да се приспособуваат во согласност со моменталната состојба на детето, расположението и другите околности. Она што можете да го направите е заедно со вашето дете (кога е доволно големо) да направите список со однесувања кои се толерираат и кои не се толерираат. Објаснете ги логичните причини за секое однесување и природните последици – вклучувајќи го и тоа како неговото однесување влијае врз другите.
Авторитативниот родител треба да биде добар психолог на своето дете, а оттаму доаѓа и важноста за поврзување со детето. Како разговарате со него? Кои тактики ги користите? Како се однесувате кон неговите чувства?

– Почитувајте ги чувствата на своето дете и покажете му дека тоа има способност да стане отпорно – вели д-р Шефали Цабари, авторка на книгата „Свесен родител“.
Следните тврдења може да ви бидат добар водич во примената на овој пристап во воспитување. Авторитативниот родител главно се согласува со следните тврдења:
Ги земам предвид желбите на детето и чувствата пред да барам нешто од него.
Го охрабрувам детето да зборува за своите чувства.
Се обидувам да му помогнам кога е исплашено или фрустирано.
Му ги објаснувам на детето причините за очекувањата што ги имам од него.
Го почитувам мислењето на моето дете и го поттикнувам да го дели со мене, дури и кога се разликува од моето.
Родителите што се помалку авторитативни имаат вакви тврдења:
Го оставам детето да се извлече и да не ги заврши работите кои би требало да ги заврши.
Го подмитувам детето да го направи она што јас сакам.
Се разбеснувам на моето дете.
Го казнувам детето со тоа што му ја скратувам нежноста.