Вашето бебе носи пелени за повеќекратна употреба и го доите, а бебето на вашата пријателка пие адаптирано млеко и користи големи количини пелени за еднократна употреба. Дали пријателството може да издржи сосема различни стилови на родителство?

Дури и кај најблиските пријатели, влегувањето во светот на родителството може да донесе одредена конфузија, особено ако нивните ставови и методи на воспитување драстично се разликуваат.

Можно е секојпат кога некој пријател не се согласува со вашите родителски избори, да се чувствувате нападнати или ако гледате како тие го прават тоа поинаку, ве натера да се сомневате во вашите одлуки. Ваквите емоции се во ред, но нема потреба пријателствата да завршуваат. Психолозите за порталот „Parents“ советуваат како да се однесувате во овие ситуации.

Не донесувајте пребрзо заклучоци

Кога вашите пријатели се изненадени од вашата реакција на вашето дете, немојте веднаш да го сфаќате тоа како навреда. Иако некои реакции може да изгледаат како осудувачки, запрашајте се дали тие се само израз на нечија љубопитност.

Можеби вашата пријателка е навистина заинтересирана зошто сте постапиле на одреден начин затоа што таа исто така сака да се обиде со своето дете. Бидете отворени за вакви реакции и, дури и ако нивните намери не се најдобри, не сфаќајте го тоа лично.

Слушајте повеќе, советувајте помалку

Ако вашата пријателка има проблем со заспивањето на нејзиното бебе, не кажувајте ѝ само да го стави во креветчето и да го остави само да заспие, особено ако знаете дека таа не се согласува со тој начин.

Во принцип, избегнувајте да давате несакани совети бидејќи добронамерните совети честопати можат да предизвикаат немир или конфликт.

Ако вашата пријателка навистина ве праша за совет, дајте ѝ го, но внимавајте како го давате и бидете внимателни кон неа и кон ситуацијата. Честопати на мајките што имаат проблеми не им треба совет, туку само некој да ги слуша, па дајте ѝ до знаење дека сте тука за неа.

Направете пауза кога ќе стане густо

Ако не можете да престанете да разговарате за теми кои предизвикуваат конфликт, направете малку пауза од дружењето. Размислете воопшто да не отворате одредени теми со одредени луѓе ако се толку болни за двете страни.

Има пријатели со кои можеме да споделиме прекрасни моменти, дури и ако не ги вклучуваме во сите сфери од нашиот живот. За неколку години нема ни да помислите да доите или да го делите креветот со бебето, а добар пријател во животот секогаш вреди да се има.

Не постои совршенa родителска метода

Не постојат совршени родители, а истражувањата покажаа дека сосема спротивни стилови на воспитување можат одлично да функционираат.

Секојпат кога ќе сфатите колку вашите методи се разликуваат од туѓите, запомнете дека ја имате истата цел, а тоа е да го дадете максимумот од себе за да го изведете вашето дете на вистинскиот пат. Оставете го вашето его и гледајте да го прифатите изборот на вашите пријатели, дури и ако целосно не се согласувате со нив.

Извор



912

X