Здравје

Не давајте му корка леб на бебето – опасно е!

Дали ви е познат омилениот совет од бабите: „Дајте му корка леб на бебето да се научи да џвака, што порано – тоа подобро. Штом ќе почне да се лигави, забите веќе ќе му никнат, па затоа нека џвака корче леб?!“ Д-р Горан Вукомановиќ објаснува зошто тоа не е  добро за бебето.

Од каде потекнува овој обичај?

Веројатно потекнува од старите времиња кога единствено корката леб била на располагање за „острење“ на забите кај бебињата. Нашите предци сигурно не брзале со давање корка леб на бебињата, а тогаш и мајките постојано биле до децата, па можеле да внимаваат да не им се случи нешто лошо.

Што може да му се случи на бебето ако прерано добие корка леб?

Најопасното што може да му се случи е аспирација – „вшмукување“ парче од корката во дишните патишта. Ова може да предизвика задушување на бебето, буквално може да дојде до целосен застој во дишењето и до смрт!
Тоа е ужасна ситуација, па ако не се изреагира молскавично и ако детето не стигне до лекар, компликациите можат да бидат фатални.
Па колку многу деца пораснале со коркичка леб и ништо не им се случило?
Бабите (и другите советодавачи) се добронамерни, но не знаат дека овој „хорор“ сепак се случува. Тоа што тие не виделе, не значи дека истото не се случува, ние кои работиме во специјализирани детски болници го знаеме тоа и примерите се толку драстични што засекогаш се помнат.

Кога е време за „покрупна“ храна?

Бебето треба да се научи да џвака, тука нема дилема!
Но прво треба да има со што да џвака, а тоа, се разбира, се запчињата! Кога устата ќе се наполни со запчиња, а тоа ретко се случува пред детето длабоко да навлезе во втората година, време е за „покрупна“ храна . Дотогаш храната прво се блендира (барем до крајот на првата година), а потоа се пасира (гмечи) пред да му се даде на бебето.

Кога може да му се даде корка леб во раката?

Кога ќе има доволно заби да може да џвака, а тоа ретко е пред втората половина од втората година.
Што да се направи ако бебето почне да се дави?
И кога првпат ќе му се даде корка леб, мора да се внимава на детето!

Ни една секунда не смее да се остави без надзор, а ако се случи да почне да се дави, треба да се направи следново:
* веднаш земете ја корката леб од неговата рака и седнете го детето во скутот;
* свртете го бебето да гледа надолу и наведнете го;
* „тапнете“ го бебето неколку пати по грбот да го исфрли „заглавеното“ парче корка;
* држете го во истата положба извесно време бидејќи може и да поврати, па ако се случи тоа, најдобро е сè да излезе надвор, а не да влезе во дишните патишта;
* не хранете го бебето следните 45 минути;
* не успивајте го бебето по овој настан најмалку 30 минути и следете како се однесува.

Кога веднаш мора да се однесе на лекар:
* доколку бебето дише отежнато, ако посини или постојано се лигави и кашла – ШТО ПОБРЗО одведете го во најблиската здравствена установа;
* ако и по исфрлањето на парченцето корка бебето постојано кашла, вознемирено е и одбива да јаде и пие.

На крај, без намера да внесуваме паника меѓу родителите, но сè што важи за корката леб важи и за сите продукти што содржат парченца кои лесно можат да се „одделат“ и да се аспирираат.
Се разбира, ова значи дека треба да се отстранат и сите играчки и предмети што детето може да ги голтне или да ги аспирира во дишните патишта – тоа е многу важна превенција на овие многу опасни настани.

Автор: д-р Горан Вукомановиќ

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top